Цените на маслиновото масло од почетокот на годинава драстично се зголемија и во многу земји скокот на цените е над 60 отсто. Во Португалија пораснаа за 69 проценти, во Грција за 67 проценти, а во Шпанија 63 проценти.
Главна причина за драстичното зголемување на цените е падот на понудата, т.е. намалена количина на производство на маслиново масло во последните две години. Жетвата на ниво на земјите-членки на ЕУ кои произведуваат маслиново масло беше многу помала во 2022 и 2023 година отколку во претходните години.
Произведени се помалку од 1,5 милиони тони, најмногу во Шпанија (0,8 милиони), Италија (0,3 милиони), Грција (0,16 милиони) и Португалија (0,15 милиони). Други земји произведуваат занемарливи количини.
Повеќегодишниот просек на годишното производство во ЕУ е 1,86 милиони тони, а во некои години производството достигнало и над 2,2 милиони тони. Затоа е логично што драстично помалото производство во 2022 и 2023 година доведе до висок скок на цената.
Овие години беа многу суви во земјите кои произведуваат најмногу, Шпанија и Италија. Тоа само по себе имаше катастрофално влијание врз родот, а дополнително поскапе и вештачкото ѓубриво поради поскапувањето на природниот гас кој е клучен во неговото производство.
Во последните неколку години е забележан и раст на светската побарувачка за маслиново масло. Две третини од светското производство се однесува на земјите од ЕУ, но САД се главен увозник. Третина од извозот од ЕУ оди во таа земја, а побарувачката постојано расте.
Иако потрошувачката на маслиново масло по глава на жител во САД е многу ниска во споредба со медитеранските земји, таа е повисока отколку во многу немедитерански земји во Европа. На пример, во САД потрошувачката е 1,1 литри годишно по жител, а во Германија 0,8 литри по жител.