Претседателството на Друштвото на писателите на Македонија одржа вонреден состанок во врска со резултатите од Конкурсот за финансирање проекти од национален интерес од културата за 2023 година.
Оттаму велат дека е неприфатливо, скандалозно и спротивно на националниот интерес во Годишната програма да не се издвојат средства за годишните награди на ДПМ: „Димитар Митрев“, „Ацо Шопов“, „Стале Попов“ и „Ванчо Николески“.
„ ДПМ се залага за почитување на приоритетите во културата, а книжевните награди кои ги носат имињата на нашите писатели – стожерници несомнено се еден од тие врвни приоритети во доменот на книжевноста и културата. Тие се наши великани, основоположници и меѓници, чии што имиња и дела се вградени во темелите на идентитетот, јазикот и македонската литература.
Неприфатливо е и одбивањето да се финансира манифестацијата „Празник на липите“, која го промовира дијалогот меѓу македонската и светската поезија.
Исто така, во интерес на транспарентноста и одговорноста при распределбата на буџетските средства, ДПМ предлага преку страницата на Министерствтото за култура на јавноста да ѝ биде достапен списокот на сите предложени книги за публикување, а не само имињата и насловите на избраните проекти“ се вели во реакцијата на ДПМ.
Иако со отсуството на поддршка во Годинешната програма, дејноста на ДПМ во 2023 година е доведена во прашање, велат дека нема да дозволат најстарата, најрепрезентативната и најмасовната писателска асоцијација, која постои и опстојува веќе цели 76 години, да не го продолжи својот нагорен пат, кој е во неразделна врска со националните интереси.