
Долгот на САД надмина 38 билиони долари (38 илјади милијарди долари), според податоците од Министерството за финансии на САД. По пандемијата на коронавирусот, ова е најбрзата акумулација на долг за дополнителен трилион. Долгот беше зголемен за помалку од три месеци.
Новиот рекорд укажува на забрзана акумулација на долгот на САД во услови на затворање на федералната влада.
Во најновиот извештај на Министерството за финансии, кој евидентира дневни податоци за финансиите на САД, може да се види дека долгот по жител се зголемил на 110.637 долари.
Кент Сметерс од Универзитетот Пен Вортон во Пенсилванија, кој беше во Министерството за финансии за време на мандатот на Џорџ В. Буш, изјави за АП дека растечкиот долг со текот на времето на крајот води до повисока инфлација и влијае на падот на куповната моќ на Американците.
Зголемениот долг на најголемата економија во светот доаѓа во време кога владата останува затворена. Таканареченото „затворање“ ја нарушува економијата, бидејќи стотици илјади федерални вработени се без плата.
Канцеларијата за управување и буџет процени дека затворањето на американската влада во 2013 година чинеше 2 милијарди долари во изгубена продуктивност на работниците.
Во мај, агенцијата за кредитен рејтинг Мудис го намали кредитниот рејтинг на САД од највисокиот Aaa на Aa1. Ова е одраз на загриженоста на инвеститорите за растечкиот долг на владата. Две други големи агенции за кредитен рејтинг, Стандард и Пурс и Фич Рејтингс, исто така го намалија рејтингот на САД.



