Добитниците на Нобеловата награда за мир го повикаа светот да не го положува оружјето во „лудата и криминална“ војна што во Украина ја започна Владимир Путин. Добитници на наградата се три лица од трите главни земји кои учествуваат во конфликтот: белорускиот активист Алес Бјаљацки, кој се наоѓа во белоруски затвор, руската невладина организација Меморијал, распуштена по наредба на руското правосудство и Украинскиот центар за граѓански слободи (CCL).
Ним им беше доделена Нобеловата награда за мир за нивната посветеност на „човековите права, демократијата и мирниот соживот“ против авторитарните сили.
„ Народот на Украина сака мир повеќе од кој било друг во светот“, рече шефицата на Центарот за граѓански слободи (ЦЦЛ) Олександра Матвијчук. „Но, мирот во нападната земја не може да се постигне со полагање оружје. Тоа не би бил мир, туку окупација“, рече таа.
Основана во 2007 година, CCL, на чело со Матвијчук, ги документира воените злосторства извршени од руските трупи во Украина: уништување на станбени згради, цркви, училишта и болници, бомбардирање на коридори за евакуација, принудно раселување на населението, тортура, злосторства…
Во интервју за АФП непосредно пред доделувањето, Матвијчук рече дека го напишала својот говор на свеќи поради бомбардирањето на енергетската инфраструктура на Украина.
Во деветте месеци од руската инвазија, CCL броеше, како што наведува, „повеќе од 27.000 епизоди“ на воени злосторства, а тоа е „само врвот на ледениот брег“.
„Војната ги претвора луѓето во бројки. Затоа, сите жртви на воени злосторства мора да имаат име“, порача таа.