
Од 22 јуни до 1 јули нема да сообраќа ниту еден патнички воз од Скопје во правец кон Велес, Битола и Гевгелија, поради градежни работи на железничката делница Скопје – Зелениково.
Од ЈП „Македонски железници – Инфраструктура“ информираат дека привремениот прекин е поради изведување на завршни градежни работи на пругата Скопје – Велес, на делницата од станица Скопје до станица Зелениково, за потребите на проектот „Градски воз“.
„Поради изведување на завршните градежни работи на пругата Скопје – Велес, на делницата од станица Скопје до станица Зелениково, за потребите на проектот ‘Градски воз’, привремено од 22.6.2026 до 1.7.2026 година нема да сообраќаат возовите“, соопштија од ЈП МЖ – Инфраструктура.
Во овој период нема да сообраќаат патничките возови од Скопје кон Велес, Гевгелија и Битола, ниту возовите во обратна насока.
Нема да сообраќа ниту патничкиот воз што напладне тргнуваше од Битола во 12:46 часот и по пристигнувањето во Велес во 15:25 часот се враќаше назад, иако не минува низ делницата Скопје – Зелениково што се реконструира.
Во следните десет дена во земјава ќе сообраќаат само двата патнички воза кон Куманово — утринскиот и пладневниот, како и исто толку возови во обратна насока кон Скопје.

