Творештвото на Горан Стефановски е задолжително не само за секој читател туку и за секој Македонец. Како што вели Венко Андоновски: „Кој не ја прочитал или не ја гледал на сцена ‘Диво месо’ – тој како да не живеел за книжевноста и театарот“.
Новото издание на „Диво месо“ со логото на Издавачки центар Три е особено значајно за нив и по еден друг повод – токму оваа книга е нивното 1 000-то самостојно издание од почетокот на формирањето во 1999 година.
Со секоја прочитана книга од Стефановски одново сфаќаме зошто тој го промени текот на македонската книжевност. Стилски совршена, пишувана како огледало на денешните вредности, кај секого буди поттик да сврти нова страница. Сè додека не стигне до крајот на пиесата, каде што е почетокот на дејствувањето. Книга-будилник што ни кажува дека ние го создаваме домот – а домот се создава во нас.
Со сета скриена и откриена симболика во ова ненадминато ремек-дело, Стефановски ни остави аманет што може да нè промени од корен. На тој начин, да ни го спаси коренот.