
Дисциплинската комисија на Фудбалска федерација на Македонија, по разгледување на службените извештаи и официјалните информации поврзани со финалниот натпревар од Купот на Македонија меѓу ФК Силекс и ФК Шкендија, ги донесе следните одлуки:
– Поведување дисциплинска постапка против ФК Шкендија АД поради непочитување на националната химна, исвиркување на истата и нестанување при нејзиното интонирање од страна на навивачите на клубот.
– Поведување дисциплинска постапка против ФК Шкендија АД поради користење пиротехнички средства во текот на целиот натпревар (34 големи бакљи, 19 мали бакљи, 8 топовски удари, 14 дветлечки бакљи).
– Поведување дисциплинска постапка против ФК Шкендија АД поради националистичко скандирање.
– Поведување дисциплинска постапка против ФК Шкендија АД поради истакнување знамиња со навредлива и недозволена содржина, како и истакнување на знаме со нацистичка содржина за што веќе беа санкционирани од УЕФА.
– Поведување дисциплинска постапка против ФК Шкендија АД поради скандирања со навредлива содржина кон ФФM.
– Поведување дисциплинска постапка против ФК Шкендија АД поради одбивање да ги примат медалите, како и поради недоличен и деградирачки однос на фудбалерите и официјалните лица на клубот за време на церемонијата по завршувањето на натпреварот.
– Поведување дисциплинска постапка против ФК Силекс АД поради националистички извици и употреба на пиротехнички средства.
Фудбалска федерација на Македонија изразува сериозна загриженост и разочараност од однесувањето на дел од актерите на натпреварот, особено од постапките на раководните луѓе на ФК Шкендија и фудбалерите кои директно го нарушуваат угледот на македонскиот фудбал и достоинството на едно финале кое треба да биде празник на спортот.
ФФМ вложи максимални организациски напори натпреварот да помине во фер, спортска и достоинствена атмосфера, со високи безбедносни и организациски стандарди. Наместо тоа, јавноста беше сведок на недолично и неодговорно однесување кое не смее да има место на фудбалските терени.
Недозволиво е раководни структури и поединци, наместо да придонесуваат за смирување на тензиите, да создаваат атмосфера на поделби, провокации и континуирано барање алиби за сопствените неуспеси, неспособност и незнаење.
Парите и богатството не значат имање спортска и општа култура. Фудбалот и спортот воопшто бараат почит, одговорност и фер-плеј, а не провокации, навреди и поттикнување недолично однесување.
Комисијата утврди дека со однесувањето на претставниците на ФК Шкендија е изразен директен презир кон Фудбалска федерација на Македонија како организатор и носител на натпреварувањето, преку омаловажување на официјалниот протокол и институцијата која го организира натпреварувањето.
Истовремено, со одбивањето да се учествува во церемонијата за доделување медали, беше покажано непочитување и кон противничката екипа, бидејќи ваквото однесување претставува фактичко непризнавање на резултатот и омаловажување на постигнатиот спортски успех.
ФФМ оценува дека последното соопштение на ФК Шкендија е целосно неприфатливо, неосновано и во очигледна спротивност со утврдената фактичка состојба, со содржина која претставува навреда за здравиот разум и интелигенцијата на спортската јавност.
Фудбалска федерација на Македонија останува цврсто определена во намерата доследно да ги санкционира сите облици на недолично однесување, без разлика на клуб, поединец или функција.

