
Состојбите во државната компанија М-НАВ АД Скопје стануваат се поалармантни. Од внатрешни извори, синдикални претставки и достапни јавни информации, се наѕира слика на систем што се соочува со сериозни структурни проблеми — од застарена опрема до недостиг на стручни кадри. Но, она што особено загрижува е упадот во синдикалното организирање и постоењето на двојно раководство во рамки на истата институција.
Од СУТКОЗ предупредуваат дека во М-НАВ се врши класичен упад и притисок врз синдикалното делување на вработените. Според документите доставени до синдикатот, Владимир Ристески, претседател на Управниот одбор и директор на Секторот за воздухопловна навигација, истовремено ја извршува и функцијата претседател на Самостојниот синдикат на М-НАВ, регистриран во рамки на Синдикатот за транспорт и врски при КСС.
Во исто време, неговиот брат Александар Ристески, вработен како шеф на смена и контролор на летање, е претседател на Независниот синдикат на М-НАВ, исто така регистриран во истиот грански синдикат при КСС.
Овие податоци се потврдени во Тековната состојба на Синдикатот за транспорт и врски, издадена од Централниот регистар на 14.10.2025 година под број 0805-50/151020250003396. Со тоа, според СУТКОЗ, се потврдува непотизмот и формирањето на паралелни синдикални структури во државната компанија.
Фактот што двајцата браќа Ристески имаат лидерски улоги во различни синдикати, а еден од нив воедно раководи и со целиот сектор, отвора сериозни прашања за конфликт на интереси и влијание врз синдикалните процеси.
Според синдикални извори, ваквата состојба создава етичка дилема и недоверба меѓу вработените, кои се чувствуваат изложени на притисоци и манипулации. Дел од синдикалците веќе се отчленуваат од организациите, незадоволни од начинот на кој се водат и од евентуалните влијанија врз нивната работа.
М-НАВ – дел од критичната државна инфраструктура
М-НАВ не е обична компанија, туку критична инфраструктура од национално значење, задолжена за безбедноста на воздушниот сообраќај. Поради тоа, секој можен судир на интереси, непотизам или злоупотреба на синдикалната функција може да има далекусежни последици – не само за вработените, туку и за јавниот интерес.
Загрозена синдикална независност
„Никој нема право да го поткопува правото на слободно здружување“, велат од Синдикатот, изразувајќи сериозна загриженост за нарушувањето на синдикалната независност во рамки на компанијата.
Од таму додаваат дека мешањето на менаџментот во синдикалните процеси претставува директен удар врз работничките права и повикуваат на итна реакција од надлежните институции.
Синдикатот бара да се спроведе внатрешна ревизија на состојбите во М-НАВ, со цел да се спречат понатамошни злоупотреби и да се обезбеди вистинска синдикална автономија и интегритет во оваа стратешки важна државна компанија.