
Директорот на ЈЗУ Психијатриска болница „Скопје“, Хиса Авдулаи, изрази длабоко жалење и сочувство до семејството на пациентот кој трагично го загуби животот откако бил повреден во физичка пресметка со друг пациент во установата, по што, и покрај лекарската интервенција, починал на Универзитетската клиника за ТОАРИЛУЦ.
-Ја информирам јавноста дека во раните утрински часови на 5 август 2025 година, во Одделот за лекување на осудени лица при ЈЗУ Психијатриска болница „Скопје“, се случи несреќен настан со трагичен исход. Околу 00:50 часот дојде до физичка пресметка помеѓу двајца пациенти, при што едниот од нив, пациент на возраст од 62 години, беше повреден. Медицинскиот персонал веднаш интервенираше и повика Итна медицинска помош. Пациентот беше пренесен на Универзитетската клиника за ТОАРИЛУЦ, каде, и покрај укажаната лекарска грижа, му беше констатирана смрт, изјави за МИА директорот Авдулаи.
Настанот бил веднаш пријавен до Министерството за внатрешни работи, а надлежните служби, вклучително и дежурен јавен обвинител, извршиле увид на лице место.
Директорот вели дека во тек се сите потребни постапки за целосно расветлување на случајот, а болницата целосно соработува со истражните органи. Другиот пациент, како што дополни, моментално се наоѓа под постојан полициски надзор, согласно насоки од јавниот обвинител.
-Во свое име и во име на установата, изразувам длабоко жалење за настанот и упатувам искрено сочувство до блиските на починатиот пациент, изјави директорот Авдулаи.