Утрински Весник
Македонија

Директорот Китановиќ ја избришал објавата со Младиќ, сега му се извинува на премиерот Мицкоски

756873089 10165739425488767 2305639442670720027 n.jpg

По три дена молк, директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ, се огласи во јавноста по реакциите што ги предизвика неговата објава на социјалните мрежи поврзана со Ратко Младиќ.

Китановиќ објави фотографија на која Младиќ е прикажан заедно со личности од српската историја, меѓу кои и Дража Михајловиќ, со натпис „Генерали на небеската војска“. Тој сега вели дека спорната објава ја избришал речиси веднаш и нагласува дека никогаш немал намера да навреди или понижи припадник на кој било народ, вера или етничка заедница.

Во своето обраќање, Китановиќ наведува дека целиот свој живот го градел врз почитување на човекот, соживотот и солидарноста, без оглед на националната, верската или етничката припадност.

Истовремено, тој не се откажува од, како што вели, „вистината на сопственото семејство“. Според Китановиќ, дел од неговото најблиско семејство во Босна и Херцеговина преживеало воени околности благодарение на единици предводени од Ратко Младиќ. Тој нагласува дека личното чувство на благодарност поради тоа не значи негирање или омаловажување на туѓите жртви, болка и загуби.

Китановиќ оценува дека реакциите по неговата објава ги надминале границите на легитимната критика и прераснале во, како што наведува, „организирана политичка и медиумска пресметка“, јавно жигосување и обид за политички линч.

„Јас сум подготвен да ја понесам одговорноста за секој свој збор. Но нема да ја понесам одговорноста за туѓите манипулации со моите зборови“, наведува Китановиќ.

Тој упати и директно извинување до премиерот Христијан Мицкоски и членовите на Владата, бидејќи, како што вели, поради неговата објава биле непотребно вовлечени во политичка пресметка.

„Искрено му се извинувам на претседателот на Владата, господинот Христијан Мицкоски и на членовите на Владата, кои поради мојата објава беа непотребно вовлечени во политичка пресметка и изложени на напади за нешто за кое не сносат никаква одговорност“, порача Китановиќ.

Тој вели дека е подготвен да се извини доколку со објавата повредил некого, но истовремено порача дека нема да се откаже од сопственото достоинство, семејното сеќавање и политичките убедувања.

Обраќањето го заврши со порака дека конечниот суд, според неговите зборови, не им припаѓа на политичките штабови или медиумите, туку на Господ, цитирајќи стих од книгата на пророкот Исаија.

Можете да прочитате

Муцунски: Бледскиот форум важна платформа за размена на ставови за иднината на регионот

ДКСК утврди коруптивни регулаторни ризици во членови од Законот за финансирање на политички партии

ЛДП: Владата мора итно да го разреши Китановиќ – со коленичење ли пред премиерот ќе ја задржи функцијата во Агенцијата