Од утре МКЦ има нов в.д. директор, Никола Алексов, дипломиран детектив, кој е примен пред два дена преку Агенцијата за привремени вработувања во МКЦ, без никакво искуство и заднина во културна институција, велат од Младинскиот културен центар откако вчера в.д. директорот Ванчо Богоев беше сменет од позицијата.
Младинскиот културен центар коментира дека смената на Богоев, кој е 36 години дел од институцијата, се случува поради неподлегнување на екстремните притисоци од генералниот секретар на Град Скопје да потпише вработување за Арбен Шаќири.
„И покрај признанието што дојде како круна на нашето работење со наградата ’13 Ноември’ за заслуги во областа на културата и масовната посетеност, можеби и најголема во историјата на институцијата по повод 50-годишниот јубилеј, годината почна со лоши вести за иднината на МКЦ. Првата е онаа дека буџетот ни е доведен до само 8 проценти од годишниот буџет со кој работевме минатите години, а веднаш потоа и последните случувања во начинот на инсталирање директор во МКЦ“, велат од Центарот.