
Глобалните геополитички тензии, особено случувањата поврзани со Иран, имаат индиректно влијание врз економијата и работењето на компаниите, но фирмите во технолошко-индустриските зони сепак покажуваат стабилност и раст.
Ова го истакна директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Според него, најголемиот притисок доаѓа преку растот на цените на енергенсите, особено гасот, кој значително поскапел во изминатиот период.
„Цената на гасот од околу 30–35 евра за мегават-час порасна на 50–60 евра, што директно влијае врз трошоците на компаниите“, изјави Димовски, додавајќи дека овие ефекти се индиректни, но сепак значајни за работењето.
И покрај овие предизвици, податоците за првиот квартал од 2026 година се позитивни. Извозот на компаниите во зоните е зголемен за повеќе од 11 проценти во споредба со истиот период лани.
„Тоа значи дека компаниите добро работат, произведуваат и извезуваат, што има позитивно влијание врз македонската економија“, нагласи Димовски.
Тој посочи дека компаниите се подготвени да се справат со тековните предизвици, но предупреди дека евентуални прекини во работењето би можеле да предизвикаат сериозни штети.
„Секој застој значи директна загуба, но компаниите засега успешно го менаџираат процесот и се подготвени за вакви ситуации“, истакна директорот на ТИРЗ.
Димовски изрази очекување дека со стабилизирање на глобалните состојби ќе се нормализираат и економските текови, што дополнително ќе го олесни работењето на компаниите во зоните.

