Утрински Весник
Македонија

Девет хотели од Охридската ривиера воведуваат примарна селекција на комунален отпад

Ohrid.jpg

Девет хотелски капацитети лоцирани долж Охридската ривиера започнуваат со примарна селекција на комуналниот отпад, како дел од пошироките напори на Општина Охрид за воспоставување одржлив систем на управување со отпад во ХоРеКа-секторот. Во оваа категорија се опфатени хотелите, рестораните и кафулињата во градот и крајбрежната зона.

Активностите се реализираат во рамки на проектот „Одржливо управување со отпад на локално ниво“, кој го спроведуваат ЈП „Охридски комуналец“ во партнерство со шведската организација „SALAR International“. Вклучените хотелски објекти добија конкретни насоки, едукативна поддршка за вработените и соодветни материјали за практична примена на селекцијата на отпад во секојдневното работење.

Од ЈП „Охридски комуналец“ посочуваат дека угостителските објекти, како значајни генератори на отпад, имаат клучна улога во ефикасното функционирање на целиот систем за селекција.

Следната фаза од процесот предвидува проширување на системот со вклучување на сместувачките и угостителските капацитети долж охридското шеталиште, по што ќе следи постепено опфаќање и на останатите објекти покрај крајбрежјето.

„Овие чекори се надоврзуваат на активностите за проширување на мрежата на домаќинства кои ќе бидат дел од системот за примарна селекција, со крајна цел – целосно опфаќање на територијата на општината. Станува збор за комплексен процес кој за првпат се применува во Охрид, што бара флексибилност, соработка и разбирање од сите засегнати страни. Со заеднички напори, институционална поддршка и свесност за значењето на промените, оваа трансформација има реални шанси за успех“, велат од претпријатието.

Според надлежните, моделот што се развива во Охрид може да послужи како пример и да се примени и во други градови во регионот, особено во туристичките центри како Струга и Крушево.

Можете да прочитате

Заев: Барам јавно извинување од Петрушевски и ВМРО-ДПМНЕ – во спротивно ќе поднесам тужба за клевета

Минчев: Историски договор со синдикатите, платите во јавната администрација растат до 40% – СДСМ води нихилистичка и самоуништувачка политика

Малолетник тешко повреден во сообраќајка на ,,Партизанска”