Во отворено писмо до јавноста, група на родители од градинката „Детска радост„ во Автокоманда тврдат дека едно дете исчезнало во објектот „Темјанушка“ од истата населба поради негрижа на негувателката, а откако го нашле во населбата, на неговата самохрана мајка и било понудено да плаќа помал месечен надоместок за да молчи.
„Имено на ден 20.06.2023 година во објектот Темјанушка при детската градинка „Детска радост“ во Автокоманда едно дете од втората јаслена група поради неажурност и негрижа на вработената го напуштило објектот на градинката и по потрага по некое време истото било пронајдено.
Вработената во градинката Р.П. од чија група детето избегало од страна на директорката Анета Петровска добила единствено усна опомена како мерка.
Мајката на детето која е самохрана мајка е под притисок да не го објави случајот во јавноста и на истата и е понудено да плаќа помал месечен надоместок, а како дополнителна мерка детето е префрлено во друг клон на градинката“, е подвлечено во писмото.
Родителите предупредуваат дека безбедноста на нивните деца е доведена во прашање а на состанокот на кој присуствувале родители на 116 деца, биле донесени и заклучоци.
„Бараме министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска под чија надлежност е сега градинката „Детска радост“, веднаш и без одлагање да ја разреши директорката Анета Петровска. Бараме отпочнување на дисциплинска постапка за утврдување на одговорност на вработената во градинката Р.П. од чија група детето успеално да излезе надвор од објектот на градинката за време на престојот во неа.
Како родители апелиравме министерката Тренчевска да не ги одзема надлежностите на општината, токму од овие причини. Не може некој што незнае каде се наоѓа градинката во Автокоманда да се грижи за заштитата на нашите деца подобро од оној кој ние како народ сме го избрале за градоначалник.
Очекуваме и бараме и градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски да даде поддршка на нашите барања и да не се изема поради тоа што нема директна надлежност на градинката.
Чашата е прелеана. Доколку министерката која во минатото покажа дека е недопирлива и се чувствува моќно поради власта која ја поседува и овој пат остане глува на нашите барања ќе следуваат конкретни мерки и чекори превземени од наша страна.
Апелираме и до премиерот Димитар Ковачевски кој е родител да се стави барем на миг на нашата страна и да помисли какво е нашето чувство кога утрово сме ги оставиле во градинка, а незнаеме како и дали ќе си ги земеме“, стои во писмото на родителите од „Детска Радост“ во Автокоманда, Скопје.
„Макфакс“ се обиде да исконтактира со градинката но оттаму не одговорија на повикот.