Од она што се случи веројатно беше полуинформација. Во предистражната постапка не би сакал да коментирам многу детали. Ги почитувам институциите и би оставил да ја завршат задачата. Има постапки за одредени аспекти од моето работење во институците каде што сум работел. Целосно стојам на располагање и ќе останам достапен, изјави утрово екс-директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски по лажната вест дека пред два дена бил приведен од полицијата. Подоцна беше разјаснето дека Кривичниот суд предложил мерки на претпазливост и дека му е одземен пасошот.
-Реалноста во изминатите неколку месеци даде многу негативни примери на носители на јавни функции кои се определија да не се соочат кои ги поставува јавноста. Јас сакам со мојот пример сакам да покажам дека не сме сите исти. Немав никаква забелешка на предлогот на обвинителот заради тоа што не сме сите исти и дека верувам во професионализмот на институциите, додаде Деспотовски во емисијата на „Слободен печат“.
Членот на СДСМ информира дека дел од неговите партиски колеги се јавиле да го проверат и да понудат помош.
Деспотовски веќе дал исказ пред судија на претходна постапка, по што Судот го прифати барањето на Обвинителството за изрекување мерки на претпазливост.
Дел од медиумите, пак, повикувајќи се на извори од финансиската полиција информираа дека Деспотовски бил повикан да даде исказ за финансиски недоследности, поврзани со приватна компанија што изведувала работи во две слободни зони.