
По повод 8 Септември – Денот на независноста на Македонија вечер во Градскиот музеј во Шибеник ќе биде отворена манифестацијата „Денови на македонската култура 2025“.
Како што најави организаторот – невладиното здружение Хрватско-македонска тангента, на отворањето ќе се обратат советникот на претседателот на Република Хрватска Здравко Зима, а се очекуваат обраќања и на заменик-министерот за надворешни работи на Македонија Зоран Димитровски, претседателот на Заедничкиот советодавен одбор на Европската Унија за Македонија Иван Гулам, претставници на Шибенско-книнската жупанија и градот Шибеник.
Програмата, која трае до 8 септември, како што наведуваат, ги здружи учесниците од Македонија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина и Србија, носејќи богати и разновидни содржини: промоции на книги, форуми, филмски проекции, поетски читања и средби меѓу авторите и публиката. На отворањето, заедно со обраќањата и доделувањето на признанија, ќе биде претставено и литературно дело од македонскиот писател, сценарист и новинар Томислав Османли – романот „Брод. Конзархија“, добитник на бројни светски награди. Промотор ќе биде проф. д-р Лидија Капушевска Дракулевска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.
Во четврток на Зларин ќе се одржи Меѓународната литературна средба „Од остров на копно (Македонија), кон остров на море (Зларин)“, на која учествуваат поети, писатели, професори, публицисти и новинари. Оваа средба се одржува од 2014 година, а програмата вклучува и богат литературен корпус каде поети, писатели и публицисти од Скопје, Љубљана, Загреб, Задар, Сплит и Шибеник ќе читаат свои песни или извадоци од своите дела. По тој повод ќе биде претставено литературното и музичкото творештво на сестраниот уметник и писател проф д-р Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Дел од овој настан е посветен на островот Зларин, Весна Парун и Малден Бјажиќ.
В петок во „Цивитас Сакра“ (Шибеник) во 18 часот ќе се одржи промоцијата на книгата „Единствен матичен број“ од Лидија Димковска, македонска писателка и преведувачка која живее во Љубљана. Нејзиниот најнов роман „Единствен матичен број“ (2023) ја доби највисоката македонска награда „Роман на годината“ и регионалната награда „Штефица Цвек“, а Меѓународниот литературен фестивал Фабула го избра за едно од најдобрите литературни дела на словенечката литература во последните две години.
На 8 септември 2025 година во 18:30 часот во Градскиот музеј во Шибеник ќе биде претставен македонскиот филм „Стрмоглави“, во режија на Маја Младеновска, по сценарио на Томислав Османли. „Стрмоглави“ е филм за животи изгубени во големите современи општествени превирања.
– Со овие културни настани, Шибеник ќе стане место за средби за различни уметнички изрази, дијалог и пријателство меѓу културите од регионот на почетокот на септември. Влезот за сите настани е бесплатен, а граѓаните и посетителите се поканети да ја поддржат и да уживаат во богатството на македонскиот, хрватскиот и регионалниот културен живот, наведува организаторот.
Покровители се Советот за национални малцинства на Република Хрватска и градоначалникот на градот Шибеник д-р Жељко Буриќ, а настанот се реализира со поддршка на Шибенско-книнската жупанија, Градот Шибеник и Туристичките заедници на Шибенско-книнската жупанија, градот Шибеник и Зларин, а во соработка со Градскиот музеј на Шибеник.