Утрински Весник
Македонија

Денес се празнува Светиот апостол Тит

Sv tit 618x460 1.png

Еден од седумдесетте. Роден е на Крит и воспитан со грчката поезија и философија. Во една прилика, тој зеде да го чита Пророкот Исаија и се посомнева во елинската мудрост.

Откако слушна за Господа Исуса Христа, дојде во Јерусалим со уште некои Критјани и лично ги слушна зборовите на Спасителот и ги виде Неговите силни дела. Неговото младешко срце се прилепи за Христа.


Подоцна беше крстен од апостол Павле, кому во евангелското дело му служеше како на татко. Павле толку го возљуби Тит, што го нарекуваше ту син (Тит 1,4) ту брат (2Кор. 12,18).

Тит многу патуваше со големиот апостол на народите и од него беше поставен за епископ Критски. При Павловото страдање во Рим беше присутен и Тит, којшто чесно го погреба телото на својот учител и духовен отец. Потоа се врати на Крит и таму со голем успех ги крштеваше незнабошците и мудро управуваше со Црквата Божја до длабока старост. Се упокои во деведесет и четвртата година од својот живот.

Денес се празнува и Преподобен Пимен Велики

Родум Мисирец. Голем мисирски подвижник. Како момче ги посетуваше прочуените подвижници и собираше од нив опитно знаење како трудољубива пчела. Еднаш Пимен измоли од Старецот Павел да го однесе кај Свети Паисиј. Кога го виде Паисиј му рече на Павле: „Ова дете ќе пасе многумина, со него е раката Божја.“ Со време Пимен се замонаши и кон монаштво привлече уште двајца од своите браќа. Еднаш дојде мајка им да ги види своите синови, но Пимен не ја пушти внатре, а ја праша: „Сакаш повеќе да н ? видиш овде или во вечноста?“ Мајка му се оддалечи со радост, говорејќи: „Штом сигурно ќе ве видам таму, тогаш не сакам да ве видам овде.“ Во манастирот на овие тројца браќа, со којшто управуваше најстариот брат, Анувиј, типикот беше ваков: ноќе четири часа минуваа во ракоделие, а четири во псалмопеење. Дење од утрото до пладнето времето го минуваа наизменично во работа и во молитва; од пладнето до Вечерната читаа, а после Вечерната си подготвуваа вечера: тоа им беше единствениот оброк во деноноќието, и тоа обично од некакво зелје. За нивниот живот самиот авва Пимен рече: „Јадевме тоа што ни се предлагаше, никој никогаш не рече: дај ми нешто друго или јас тоа не го сакам. На тој начин ние го поминавме сиот живот во безмолвие и во мир. Авва Пимен се подвизуваше во 5 век и мирно се упокои во длабока старост.“

Можете да прочитате

ЦУК: Активни пожарите кај селата Русиново и Никуштак, четири ставени под контрола

Стопанската комора активно на терен по избувнување на пожарот во фабриката во Виница

18 лица со повреди од пожарот во „Макпрогрес“ примени во Болницата во Кочани