За денес е најавен протест за правда и лоцирање на одговорноста за пожарот во модуларната болница во Тетово во која пред две години изгореа 14 лица.
Протестот ќе се одржи во 12 часот пред Основниот суд во Тетово, a најавата за собирот се рашири преку социјалните мрежи.
Ова доаѓа по документарецот објавен од Истражувачката репортерска лабораторија насловен „Убиство во Тетово“. Тие споделија откритија, документи и направија реконструкција според искази од сведоци. Посочија дека објектите не се граделе според Законот за градење и немало соодветни материјали за заштита од пожари. Се осврнаа на германското вештачење кое беше изведено и во судница, каде токму несоодветната градба и лошата електрична инсталација се лоцирани како причина за пожарот.
За овој случај имаше и обвинение, како и пресуда. Обвинителот ги гонеше двајцата ексдиректори на тетовската болница и докторот задолжен за модуларниот објект. Но не за причините за пожарот, туку бидејќи немало противпожарна заштита, а во објект се дозволувал влез на роднини, што во време на пандемијата беше забрането.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција води уште една истрага, а која се однесува за тоа како е спроведен тендерот за изградба на сите модуларни објекти, дали се вградени сите материјали пропишани во техничката спецификација и каква била изведбата. Предметот е во фаза на истрага повеќе месеци.