Со цел коректно и прецизно информирање на јавноста Групацијата на небанкарските финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија, која ги обединува и застапува интересите на најголемите 20 финансиски друштва од вкупно 27, ги посочува следните факти:
Финансиските друштва работат по законска регулатива исто како и сите останати компании (банки, осигурителни друштва, лизинг компании, итн.) во финансискиот систем на Република Северна Македонија. Имено, во јули 2023 година беа направени дополнителни измени во Законот за финансиски друштва, со цел поголема заштита на потрошувачите, зајакнати процедури во работењето и поголема транспарентност во јавноста.
Во изминативе години Министерството за финансии, кој е регулатор на финансиските друштва, засилено работеше на дорегулирање на финтек индустријата. Со измените на Законот за финансиските друштва, во насока на заштита на потрошувачите, беше утврден максималниот износ на сите трошоци поврзани со кредитот, а се укина и можноста за рефинансирање на претходно доспеан кредит во исто финансиско друштво. Дополнително со измените се зајакна и корпоративното управување на друштвата со зголемување на минималниот основен влог на 500.000 евра, наместо дотогашните 100.000 евра, како и задолжителното вработување на економист и правник во финансиските друштва.
Врз основа на Законот, во април 2024 година Министерството за финансии донесе и Правилник за кредитен ризик, со кој потрошувачите се заштитуваат од презадолжување, односно учеството на месечните обврски во месечниот приход не смее да надмине 70%. Нивото на задолжување на секој поединечен клиент, утврдено во Правилникот за кредитен ризик, ќе помогне не само на населението, туку и на финансиските друштва во остварување на здрав и квалитетен раст. Намалениот степен на ризик и намалените трошоци за исправка на вредност на ризичните пласмани ќе резултираат во постабилен развој и подобар статус на финансиските друштва. Додека ограничувањата на вкупните трошоци, воведени од страна на регулаторот пред повеќе од една година, ќе го намалуваат профитот на друштвата, се очекува намалениот трошок за ризични пласмани да ги намали расходите на друштвото и да ги одржи во здрава финансиска кондиција на пазарот.
Со стапувањето на сила на измените од јули 2023 година, бројот на финансиски друштва се намали на 27, за разлика од 2022 година кога беа активни 36 друштва, што значи дека новите регулативи овозможиле “опстанок”, само на оние кои имале капацитет да се придржуваат кон новите регулативи. За оние друштва кај кои интерните процедури и системи беа прилагодени уште пред новиот Правилник, и работеа целосно етички и транспарентно, сево ова не само што не предизвика никакви потреси, туку им овозможи фер, унифицирана и стандардизирана законска средина за работење.
Динамиката на кредитирањето во финтек индустријата е значително намалена, земајќи ги во предвид новите регулаторни мерки кои предвидуваат минимален капитал, максимална стапка на вкупни трошоци – СВТ, како и коефициент на задолженост изразен преку односот на вкупните месечни кредитни обврски на физичкото лице и месечниот приход, со цел дополнителна заштита и контрола во служба на граѓаните, корисници на услугите на финансиските друштва.
Исто така, со Правилникот за заштита на граѓаните од подигање кредити од финансиско друштво на нивно име од трети лица, се воспостави ред и измамите се сведени на минимум. Изминативе години имаше бројни пријави до МВР за измами со личните податоци, по стапувањето во сила на новиот Закон и тоа скоро да го нема.
Речиси идентичен раст на кредитирање како и кај банките
Освен намалениот раст на кредитирањето, скорешните објавени статистики на Народната Банка за обемот и растот на кредитирањето, бележат и изедначување на растот на кредитирање со оној на банките. Во првото полугодие на 2024, растот на кредитирањето од страна на финансиските друштва е околу 3%, односно е на исто ниво со растот на кредитирање на домаќинствата од страна на банките. За разлика, во текот на 2023 година, вкупната актива на финансиските друштва порасна за 23% во однос на претходната година, достигнувајќи износ од 154 милиони евра. Притоа, кај најголемите 10 финтек играчи беше сконцентрирано 85% од пазарното учество.
Финансиските друштва плаќаат повеќе данок од банките бидејќи исправката на вредност им е непризнаен трошок.
Приоритет на Групацијата на небанкарски финансиски друштва секогаш бил и останува етичко и одговорно кредитирање без презадолжување на клиентите, како и финансиска едукација на граѓаните во однос на внимателно планирање на личните финансии и семејниот буџет.
Искрено се надеваме дека овие факти ќе ви дадат дополнителни согледувања за финансиските друштва како дел од финансискиот систем, кои се од корист не само Вам како медиум – едукатор на јавноста и креатор на јавното мислење, туку и на самата јавност и граѓаните, во чиј што интерес и фокус е точното и транспарентно информирање.
Ви стоиме на располагање за секаков тип на информации, средба или запознавање, што би ни претставувало особено задоволство.