
По повод 2 Август – Денот на Републиката, делегации на СДСМ утре ќе присуствуваат на чествувањата на големиот празник Илинден во Крушево, Скопје и Пелинце.
Делегација во Крушево ќе ја предводи претседателот на СДСМ, Венко Филипче, заедно со потпретседателката Кристина Костова и пратеничката Бисера Костадиновска Стојчевска. Филипче ќе даде изјава за медиуми, по што ќе следи полагање цвеќе на гробот на Никола Карев, на споменикот на хероите од месноста „Слива“, како и присуство на панихида во храмот „Св. Никола“. Делегацијата ќе биде дел и од централната манифестација на „Мечкин Камен“.
Во Скопје, чествувањето ќе го предводи потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова, која ќе положи цвеќе пред споменикот на Никола Карев, пред споменикот на АСНОМ во паркот „Жена Борец“, како и пред споменикот на Методија Андонов Ченто на плоштадот „Македонија“.
Во Пелинце, делегацијата на СДСМ ќе биде предводена од генералниот секретар Александар Саша Димитријевиќ, заедно со организацискиот секретар Мартин Костовски и со градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски. Тие ќе положат цвеќе пред Меморијален центар на АСНОМ.