
Претседателката Гордана Силјановска Давкова денеска го образложи предлогот и изборот на новиот гувернер на Народната банка, посочувајќи дека одлуката ја донела по внимателна анализа на стручноста, интегритетот и кредибилитетот на кандидатите, а не врз основа на политичка припадност или лични преференции.
„Не прифаќам генерални квалификации. Да, преферирам жени, тоа го повторувам, и имав и свој кандидат и кандидатка. Но, мора да бидеме реални – не е доволно само да предложите некого, ако тој кандидат нема да помине на гласање“, рече Силјановска Давкова, алудирајќи на потребата од политички договор во Собранието.
Таа го бранеше професорот Трајко Славевски, кој беше предложен за нов гувернер, од критиките поврзани со неговата партиска ангажираност во минатото. „Законот за Народна банка не предвидува ограничување за партиска функција пред мандатот, туку само за време на мандатот“, изјави претседателката, додавајќи дека вистинскиот проблем со партизацијата на институциите се јавува кога на клучни позиции доаѓаат нестручни и неквалификувани лица.
„Не е фер да се дискредитира професорот Славевски. Станува збор за светски признаен експерт, за кого не постојат афери, ниту криминал. И порано сме имале гувернери кои биле политички активни – како Петар Гошев, па тоа не било пречка“, рече таа.