
Додека македонската јавност веќе трет ден е вознемирена од наводите дека земјава би можела да стане „депо“ за мигрантите кои Велика Британија сака да ги дислоцира, дел од медиумите шпекулираат дека Владата на премиерот Мицкоски имала шанса да ја спречи оваа „бомба“ уште пред таа да пукне во Лондон?
Според информациите кои кружат меѓу новинарите, реномираниот британски весник „Тајмс“ (The Times), почитувајќи ги високите професионални стандарди, пред објавувањето на текстот уредно се обратил до македонската Влада со конкретни прашања.
Информациите говорат дека од „Илинденска“ бр. 2 одговорот бил – молк. Или попрецизно, одбивање да се даде официјален коментар.
За да се разбере тежината на овој пропуст, мора да се потсетиме на контекстот. „Тајмс“ објави дека владата на Кир Стармер бара локации на Балканот за т.н. „центри за процесирање“ на баратели на азил, експлицитно посочувајќи ја Северна Македонија како потенцијален партнер.
Во светот на високата политика и меѓународното новинарство, кога медиум од калибарот на „Тајмс“ испраќа прашање за тема од ваква чувствителност, „немаме коментар“ е најлошиот можен одговор. Во новинарскиот жаргон, тоа често се толкува како: „Има нешто, но не смееме да зборуваме“ или „Преговорите се во тек, па е рано за јавност“.
Доколку Владата навистина немала никакви преговори, како што сега тврди премиерот Мицкоски, зошто тоа не му било кажано на британскиот новинар уште пред текстот да оди во печат? Еден решителен, официјален демант испратен директно до редакцијата во Лондон веројатно ќе ја променеше содржината на статијата или барем ќе ја вклучеше македонската позиција како контра-тежа на британските шпекулации.
Контрастот помеѓу првичниот молк кон странскиот медиум и подоцнежната хистерична реакција дома е симптоматичен. Откако веста одекна и предизвика лавина реакции, Владата премина во офанзива, нарекувајќи ги наводите „лажни вести“ и конструкција на опозицијата.
СДСМ и останатите опозициски партии вешто го искористија овој вакуум. Тие сега легитимно прашуваат: Ако е сè чиста лага, зошто не се демантираше на изворот? Обвинувањата за тајни договори добиваат на тежина токму поради некоординираноста на владиниот ПР.
Без оглед на вистината за мигрантите, овој случај разоткри сериозна пукнатина во капацитетот на Владата да се носи со меѓународни кризи. Во ерата на хибридни војни и брзи информации, „молчењето е злато“ само во поговорките. Во политиката, молчењето кон медиум како „Тајмс“ е или признание, или катастрофална грешка.
Јавноста во Македонија заслужува одговор не само за тоа дали ќе има мигрантски кампови, туку и зошто оние кои треба да ги штитат државните интереси, одбрале да молчат кога требало најгласно да зборуваат.

