Под водство на Јирген Клоп, Ливерпул го врати приматот на еден од најдобрите европски клубови. Сепак, оваа сезона работите не тргнаа според очекувањата.
Клоп е на клупата на „црвените“ од 2015 година и со овој тим ја освои Лигата на шампионите и играше уште две финалиња, потоа Суперкупот на УЕФА, Светското клупско првенство на ФИФА, по една титула во ФА купот, Лига купот и Суперкупот на Англија, и многу посакувана и долгоочекувана Премиерлига.
За разлика од претходните, досега оваа сезона резултатите на Ливерпул не се на задоволително ниво за своите навивачи, па сè почесто се споменува евентуалното заминување на Клоп од „Енфилд Роуд“.
По седум одиграни натпревари, Ливерпул е деветти во Премиер лигата со само две победи, четири нерешени средби и еден пораз, односно десет бода и веќе заостанува 11 бода зад водечкиот Арсенал.
Ниту во Лигата на шампионите не е подобро. Ливерпул во првото коло беше декласиран од Наполи (4:1), а во второто го совлада Ајакс (2:1) со кого го делат второто место во групата А.
Германскиот стручњак проговори за притисокот под кој е во последно време и не избегна да признае дека напуштањето на „Енфилд Роуд“ би било можно. Сепак, Германецот вели дека тоа ќе се случи само доколку ситуацијата е критична.
„Отсекогаш знаев дека сакам да останам во Ливерпул и да потпишам нов договор. Овде сè уште сум на вистинското место, сто проценти. Кога не е така, ќе биде готово. Би било глупаво да не биде така“, изјави Јирген Клоп.
Германецот летово Клоп потпиша нов договор со Ливерпул, кој го врзува со англискиот гигант до 2026 година.