Утрински Весник
Култура

„Далга“ – концерт на Филхармонија во Скопје и во Белград

„Далга“ – концерт на Филхармонија во Скопје и во Белград

Оваа среда (12 октомври), со почеток во 20 часот, оркестарот на Филхармонија ќе го одржи концертот насловен „Далга“ на кој како солист ќе настапи македонскиот пијанист Дино Имери, наместо шпанскиот гитарист Рафаел Агире, како што беше првично најавено, кој поради болест го откажа гостувањето во Скопје.

dobivaj vesti na viber

Диригент е Габриел Бебешелеа од Романија.

На програмата се „Пијан танец – Пајдушко“ од македонскиот композитор Сони Петровски и Концертот за пијано и оркестар во бе-мол и Шестата симфонија „Патетична“ од Петар Илич Чајковски. Концертот е поддржан од Европската Унија, а со истата програма оркестарот на Филхармонија на 14 октомври ќе гостува и во Белград.

Сони Петровски е роден на 4 јануари 1977 година во Сиднеј, Австралија. Средно музичко училиште завршил во Битола, а дипломирал на одделот по композиција на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Гоце Коларовски. Автор е на повеќе од 70 оригинални композиции и обработки во речиси сите жанрови. Операта „Леандар и Косара“, симфониски, концертни, камерни, вокални, хорски и солистички дела. Автор е на повеќе нумери од албумот „Божилак“ на Тоше Проески како и 30-тина оркестрации на неговите песни изведувани ширум Балканот. Неговите дела се изведувани во Македонија, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Хрватска, Словенија, Франција, Унгарија, Австрија, Италија, Германија, Норвешка, Полска, Русија, Украина, Данска, Холандија, Велика Британија, Нов Зеланд, Канада. Неговите дела се издадени на носачи на звук од СОКОМ, Музичка младина на Македонија, Трио Интерарт, City Records, Hit Records, Hi-Fi Centar.

„Пијан танец“ на Сони Петровски е дело создадено како нарачка од Македонската филхармонија. Неговата содржина е инспирирана од македонското народно оро  „Пајдушко“, чија ритмичност и мелодичност е основа над која Петровски ја гради својата музичка мисла. Композицијата има богата и колоритна оркестрација која на инвентивен начин ја „реинтерпретира“ звучната структура на традиционалното македонско оро.

Шестата симфонија, насловена „Патетична“, на Петар Илич Чајковски не е дело напишано од композитор кој умира, ниту, пак, од автор кој бил во депресија. Дури и насловот „Патетична“ е додаден на постхумната изведба. Чајковски бил против давањето програмски карактер на ова симфониско дело, и кога му ја пратил на својот издавач ја насловил само како „Симфонија бр 6“ во бе-мол, посветена на Боб Давидов (неговиот внук). Токму во таква форма, делото било промовирано и на премиерната изведба на 28 октомври 1893 година. Три недели подоцна, по смртта на Чајковски, делото повторно било изведено, со програмскиот наслов „Патетична“. Во неа овој руски композитор буквално ја „истурил“ својата душа, ги покажал своите неверојатни капацитети како композитор кој музиката ја користел како платно за израз и преточување на своите најдлабоки емоции. Во неа има сè – и светлина и темнина, и живот и смрт.

Оваа симфонија е олицетворение на композиторската моќ на Чајковски. Самиот композитор напишал дека „таа е неговото најдобро дело“. Во оваа симфонија се чувствува вечната борба меѓу животот и смртта, меѓу истрошената животна енергија и ултимативната сила на заборав, и токму тие елементи од нејзината структура ја прават да звучи толку моќно и безвременски. Шестата симфонија Чајковски не ја напишал за себеси, туку за сите нас.

 

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“