Потпретседателот на владата на Србија и министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, денеска го нарече бегството на поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Блерим Рамадани, од куќен притвор во Северна Македонија „скандалозно“. Изјавата беше објавена од српското Министерство за внатрешни работи и пренесена од весникот „Политика“.
„Станува збор за припадник на терористичката ОВК кој сторил злосторства над Србите на Косово и Метохија и кого Србија го бара да му суди. Бараме објаснување од државните органи во Северна Македонија како е можно некој кој е уапсен по наша, меѓународно важечка потерница, да побегне од куќен притвор. Или за албанските терористи воени злосторници не важи меѓународна правда и кога убиваат Срби се им е дозволено и простено,“ изјави Дачиќ.
Блерим Рамадани, поранешен припадник на ОВК од Косово, беше уапсен во Северна Македонија минатиот месец по меѓународна потерница издадена од Интерпол на барање од Србија. Тој беше приведен на 17 јули на граничниот премин Јажинце и спроведен во затворот во Шутка на екстрадициски притвор од 30 дена.
На 1 август, судот во Скопје ја преиначи мерката притвор за Рамадани во куќен притвор, и според одлуката, тој беше упатен на адреса во Скопје, каде требаше да остане до 16 август. Сепак, Рамадани успеал да избега од куќата на своите роднини, што предизвика остри реакции од српските власти и дополнително го заостри прашањето за неговата екстрадиција.