Бугарија ги поддржува независноста на Украина, територијалниот интегритет и европската перспектива, рече бугарскиот претседател, Румен Радев. Шефот на бугарската држава му врачи орден на амбасадорот на Украина во Бугарија, Виталиј Москаленко.
Наградата, како што посочи Радев, е израз на оценката за активноста на украинскиот амбасадор за развојот на односите меѓу Киев и Софија во еден исклучително тежок период.
Една година по руската инвазија на Украина, бугарскиот претседател укажа на постојаната поддршка на Софија за Киев.
„За независноста, суверенитетот, територијалниот интегритет и европската перспектива на Украина, како и за континуираната помош на граѓаните на Република Украина и илјадниците украински граѓани што бараат спас од војната во нашата земја. Нашите земји и народи споделуваат длабоки историски културни и јазични врски, сигурен мост, за кој се и илјадниците етнички Бугари во Република Украина“, истакна Радев.
Бугарија не ја потпиша декларацијата за членство на Украина во НАТО
Пред неколку месеци Радев одби да ја потпише декларацијата за членство на Украина во НАТО.
Бугарското претседателство тогаш објави официјален став, во кој беше наведено дека Радев не се согласувал со целосниот текст на декларацијата иако Бугарија е дел од декларацијата од самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година за идниот пристап на Украина.
Според Радев, декларацијата сега е усвоена во сосема поинаква безбедносна средина, па поради воените акции на територијата на Украина, за нејзиното членство треба да се дискутира во Алијансата и да не доведе до ризик од директно вклучување на нејзините членки во војната.
Документот со кој се осудува присоединувањето нови украински територии кон Русија го потпишаа претседателите на Македонија, Романија, Чешка, Полска, Естонија, Латвија, Литванија, Црна Гора и на Словачка.
„Снабдувањето со оружје на Киев значи дека пожарот се гаси со бензин“
Радев во неколку наврати има посочено и дека е против испраќање оружје во Украина бидејќи тоа нема да го запре конфликтот.
Минатиот месец во интервју за „Дарик радио“ бугарскиот претседател предупреди дека снабдувањето со оружје на Киев значи дека пожарот се гаси со бензин и оти ќе има уште многу жртви.
Според Радев, воената помош за Киев подразбира дека конфликтот „мора да се води додека едната од страните не биде целосно поразена“, што неизбежно и постепено води „до глобален конфликт и можност за нуклеарно самоуништување“.
Радев истакна дека затоа неговата земја не треба да испраќа оружје за да го разгорува конфликтот во Украина.