Либерално-демократската партија соопшти дека одлучно стои против отворањето на рудникот „Иловица“. Од партијата потсетуваат на правото на безбедна, здрава животна средина и им се придружуваат на граѓаните во изразувањето на незадоволство.
Според ЛДП, при носење одлуки за вакви прашања мора да се земе предвид ставот на регионалното население. Тие сметаат дека ниту еден профит никогаш не може да го оправда компромисот за здравјето на граѓаните.
„Веруваме во отворен, демократски процес. Затоа повикуваме на транспарентно преиспитување на одлуката за отворање на рудникот. Апелираме овој процес да ги вклучи сите релевантни граѓански здруженија, како и институции засегнати со оваа одлука. Сфаќаме дека ова не е време за расправии меѓу партиите, туку време за акција. Затоа, ги повикуваме сите политички субјекти да им дадат приоритет на потребите на нашите граѓани пред политичките спорови“, порачуваат од ЛДП.
Воедно, бараме фокусот да се стави на преземање одлучни чекори за исправување на ситуацијата и да се преиспита кој е одговорен што воопшто дошло до ваква концесија, па сега повторно се отвора прашањето, кое сите верувавме дека е одамна затворено.
„ЛДП во ова исто така гледа потреба да се рефокусираат колективните напори кон креирање системски решенија за зачувување на животната средина. Апелираме да се преиспита опфатот на заштитните зони, Кожув да се прогласи за заштитено подрачје, да се направи воздушен катастар за државата да има целосна слика.
Ги охрабруваме сите страни да ни се придружат во оваа иницијатива. Веруваме во иднина, каде што економскиот просперитет нема да биде по цена на деградација на животната средина“, додаваат од ЛДП.