Утрински Весник
Македонија

Д-р Лилјана Ристевска избрана за прва жена претседател на Црвениот крст на Македонија

733756896 1608472007947682 2209099978419789333 n.jpg

На Конститутивно-изборната седница на Собранието на Црвен крст на Република Северна Македонија, д-р Лилјана Ристевска е избрана за претседател на организацијата за нов четиригодишен мандат.

Со оваа одлука, Ристевска станува првата жена која ќе застане на чело на Црвениот крст на Република Северна Македонија од осамостојувањето на државата, што претставува значаен историски момент за најголемата хуманитарна организација во земјата.


Нејзиниот избор е признание за долгогодишната посветеност, професионалност и активниот придонес во развојот на организацијата. Зад себе има повеќе од две децении искуство во Црвениот крст, започнувајќи како волонтер, потоа како претседател на Општинската организација на Црвен крст во Битола, а во изминатиот период ја извршуваше и функцијата потпретседател на националното друштво.

Во својот нов мандат, д-р Ристевска најавува визија за модерен, посилен и поотворен Црвен крст, подготвен да одговори на современите хуманитарни предизвици и потребите на граѓаните.

Приоритетите во следните четири години ќе бидат насочени кон јакнење на волонтерството и членството, развој на локалните организации, унапредување на хуманитарните услуги, транспарентно управување и зацврстување на партнерствата во земјата и во рамките на меѓународното хуманитарно движење.

Изборот на првата жена претседател по осамостојувањето на Македонија се оценува како важен чекор кон унапредување на еднаквите можности и лидерството во хуманитарниот сектор, продолжувајќи ја мисијата на Црвениот крст – да им служи на луѓето со хуманост, непристрасност и солидарност.

Можете да прочитате

Трагедија кај границата со Косово: Пронајдени мртви тројцата исчезнати патници од Скопје

Клековски: И натаму има 250 до 300 нови случаи дневно во Гостивар, анализите на водата готови утре

СДСМ: ВМРО-ОКГ со децении ја управуваше Македонија, а сега бара уште 6 години за Охрид