
Соопштение за јавност на ЛДП:
Македонските граѓани во моментов го носат товарот на најниските примања во Европа, додека истовремено се соочуваат со европски цени во маркетите. Пред новиот инфлаторен бран поттикнат од глобалните кризи и конфликтот на Блискиот Исток, кој се заканува дополнително да го стопи скромниот домашен буџет, Либерално-демократската партија (ЛДП) повторно го поднесува Законот за платежни услуги и платни системи со кој се укинуваат банкарските провизии за основни услуги.
Од партијата порачуваат дека прашањето за банкарските трошоци повеќе не смее да биде оставено на добрата волја на поединци или на дискреционите одлуки на Народната банка. Овој закон е неопходен за да се обезбеди минимум социјална правда и заштита на потрошувачите од неразумни и скриени трошоци, исто онака како што е регулирано во земјите од Европската Унија.
Дејан Цветановски, член на ИО на ЛДП, упати директен повик до сите пратеници во Собранието да ги надминат тесноградите партиски погледи кога станува збор за егзистенцијата на сограѓаните:
„Доста е со игнорирање на реалноста и арогантно одбивање на решенија кои значат помош за секое семејство. Во услови кога целиот банкарски сектор бележи рекордни профити, недозволиво е најсиромашните граѓани да ги плаќаат трошоците за нивниот луксуз. Бараме европски мерки за европски шокови – укинување на провизиите за водење сметка, подигнување готови пари и трансакции, затоа што солидарноста мора да стане законска обврска”, вели Цветановски во својата изјава за медиумите.
ЛДП упатува апел и до граѓаните да извршат притисок врз своите пратеници, без разлика на партиската припадност и да побараат одговорност за овој предлог. Само со заеднички притисок врз владејачкото мнозинство може да се спречи понатамошното топење на примањата и да се зачуваат илјадници денари во семејните буџети. Должност на Собранието е да покаже дека работи за народот, а не за профитите на моќниците.
Либерално-демократската партија во континуитет ја застапува оваа економска мерка. Конкретна законска регулатива за укинување и намалување на банкарските провизии за првпат беше поднесена во 2024 година, а истата иницијатива беше повеќепати повторувана во текот на изминатите две години, но секојпат беше одбивана од актуелните владејачки мнозинства без суштинска дебата.

