Во текот на вчерашниот ден биле регистрирани 33 пожари во 23 општини, од коишто 30 се изгаснати. Според информациите што стигнаа до Секторот за операции и координација во Центарот за управување со кризи, противпожарните тимови (некаде заеднички – здружени од повеќе општини) изгаснале 30 пожари до утрово, а три се уште се евидентираат како активни до утрово, извести ЦУК.
Карактеристично, за вчерашните пожари, е што до пладне немало пријавено пожари – нивното појавување почнало од 13.15 часот. Тогаш наеднаш се пријавени три пожари: два во Скопско и еден во Струмичко, а поголемите пожари почнаа на крајот на денот и доцна во ноќта, а последниот вчерашен беше пријавен во 23.20 часот – пожарот над село Новоселани во правец кон село Лепопелци во Општина Чешиново-Облешаво, велат од ЦУК.
При вчерашните пожари горела сува трева, ниска вегетација, мешана и борова шума, а и прагови на железничка пруга. Конкретно, при пожарот што започнал околу 14:30 часот и се уште е активен, кај село Слепче во Општина Долнени била зафатена ниска вегетација, грмушки и дел од праговите на железничката пруга. Заради опожарување на железничките прагови, а и заради работа за промена на истите, железничкиот сообраќај Скопје – Битола – Скопје, не се одвива. Покрај овој пожар кај село Слепче, активни се уште два, во: Општина Прилеп, кај село Алинци, каде што горела сува трева и ниска вегетација и во Општина Сарај, кај село Радуша при што прво горела депонија, а потоа пожарот се раширил во околната вегетација и во Општина Долнени, кај село Слепче, каде што гореле сува трева, грмушки и железнички прагови. Заради опожарување на железничките прагови, односно поради промена на истите, железничкиот сообраќај Скопје – Битола – Скопје, не се одвива, додаваат од ЦУК.
Инаку, овој ден, за разлика од вчерашниот кога сите 33 пожари беа попладне и во ноќта, денеска денот, од мугрите, почнува со пријавен пожар во 06.50 часот. Конкретно, Регионалниот ЦУК Куманово извести дека пожарникарите од Територјалната противпожарна единица ТППЕ Крива Паланка од 06:50 часот, со четири пожарникари и со едно противпожарно возило интервенираат на пожар кај село Градец, каде што гори сува трева и борова шума.
ЦУК апелира до граѓаните, да се воздржат од палење огнови на отворено и да не палат отпадоци дури и во нивните дворови, бидејќи ветерот многу лесно може огнот да го пренесе на околната вегетација што е многу сува, а е и многу нарасната оваа година.