Утрински Весник
Македонија

ЦО на СДСМ најави 30-ти Конгрес: Ново раководство, нови политики и засилена структура со два организациски секретари

Img 6630.jpeg

На попладневната седница на Централниот одбор (ЦО) на СДСМ беа донесени важни одлуки за иднината на партијата и се разговараше за тековната политичка и економска состојба во земјата. Во дискусијата беа изразени критики кон актуелната власт, предводена од Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи ја за непочитување на изборните ветувања и спроведување на економски политики кои, според СДСМ, доведуваат до опаѓање на животниот стандард на граѓаните, раст на цените и нови долгови.

ЦО на СДСМ оцени дека политиките на Владата не само што ги разочарале граѓаните, туку и ја загрозиле европската перспектива на Македонија. Партијата изрази загриженост за наводната злоупотреба на институциите преку партизација и изместување на професионалци од клучни позиции.

Во однос на внатрепартиските процеси, ЦО на СДСМ одлучи на 24 ноември да го одржи 30-тиот Конгрес, на кој ќе биде избран нов Централен одбор и ќе се разгледаат идните политики на партијата. Една од клучните одлуки е предложената измена на Статутот за воведување на два организациски секретари, со цел да се засили оперативната ефикасност на партијата. Дополнително, новите статутарни измени ќе вклучуваат и принципи за родова еднаквост при избор на заменик претседател на СДСМ.

ЦО одлучи и дека 29-тиот Конгрес, кој претходно беше прекинат по барање на општинските организации, ќе продолжи со работа пред да се одржи 30-тиот Конгрес. Забележано е дека работата на партијата води кон консолидација и подобрување на атмосферата во локалните ограноци, со постепено враќање на довербата.

СДСМ нагласува дека, и во опозиција, останува посветена на граѓаните и ќе продолжи со критика на погрешните политики на власта, но и со активности кои значат подобрување на стандардот на граѓаните преку законски предлози во Собранието.

Можете да прочитате

Празничниот анимиран филм за сите возрасти „Божиќната магија на животнитe“, во кината

СДСМ за „Адитив“: Бараме брза, транспарентна и темелна истрага, институциите да постапат без селективност

Нова линија на Туркиш ерлајнс: Охрид-Истанбул