Деветнаесеттиот меѓународен фестивал на европски филм „Cinedays“ годинава ќе се одржи од 18 до 24 септември, на девет локации во Скопје, а ќе бидат прикажани повеќе од 40 филмови.
Под слоганот „Филм на секое платнo“, програмата на 19-от фестивал на европски филм ќе се реализира низ Скопје на девет локации: Градски парк, МКЦ парк, Парк Ибни Пајко, Кино Влае, Парк Кисела вода, Кино Напредок, Кино Маџари, Дом на градежници „Кочо Рацин“ и кровот на ГТЦ.
Во рамки на „Cinedays“ ќе бидат прикажани најновите остварувања на Озон, Пуиу, Винтенберг, Срѓан Голубовиќ, македонски филмови и копродукции што „гравитираат“ во неколку нови и веќе познати програмски целини: Официјална селекција, Гала програма, Музички документарци, МК во ЕУ, МК премиери, SEE програма, ФДУ ретро, Детска програма, музичка селекција од концерти во специјалната програма на фестивалот – cinEmusic и др.
Отворањето на фестивалот е со светската премиерата на првиот македонски семеен детски филм „Стела“ на Стојан Вујичиќ, во продукција на Дрим фактори.
Затворањето на фестивалот е со македонската премиера на „ХОМО” на Игор Иванов – Изи.
Ова издание на „Cinedays“ ќе донесе и скопска премиера на филмот „ТМ“ на Ивица Димитријевиќ, кој е единствен долгометражен филм во македонската кинематографија снимен со 0 денари буџет.
Во познатата селекција МК во ЕУ, ќе бидат прикажани филмовите на Виктор Чучков „18% сиво“ во продукција на Сектор филм и „Моето езеро“ на Ѓерѓ Џувани во продукција на Фокус Покус.
Специјалната музичка програма – cinEmusic се отвора на 18.9.(петок) со настап на бендот „Љубојна“, кои ќе се претстават со музика работена за филмот „Стела“. Следниот ден во паркот на МКЦ ќе настапат младите Зулу 3.4 – инструментален бенд од Скопје, формиран во март 2018 година. Членови на бендот се музички уметници во сферата на џез-музиката, чија цел е преку фузија на различни стилови да создадат уникатен звук и да внесат свежина на македонската музичка сцена.
За затворање на фестивалот ќе настапи ЗЏМ Колективот и овој пат ќе биде придружуван од страна на гудачки оркестар, кој е составен од музичари на Националната опера и балет и од Симфонискиот оркестар на Филхармонија. Со нив ќе раководи мултиинструменталистот и диригент Џијан Емин, а на програмата ќе бидат изведени композиции создадени и аранжирани од страна на македонски џез-композитори, членови на ЗЏМ.
Билетите за овогодишното издание на „Cinedays“ ќе бидат по цена од 100 денари, за сите филмови, освен за филмовите од POP-UP КИНО.
Влезот за музичката програма е бесплатен, освен концертот на ЗЏМ Колектив и гудачки оркестар за кој може да се набават билети по цена од 200 денари.
Поради ситуацијата со Ковид-19, бројот на билети е редуциран.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура, Агенција за филм на РСМ и Град Скопје.