Утрински Весник
Скопје

Членови на СДСМ од Карпош со полна поддршка за Стевчо Јакимовски

Img 0332.jpeg

Во пресрет на вториот изборен круг, членови и поранешни функционери на СДСМ јавно застануваат зад кандидатот за градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски. Пораките се јасни – опозициската партија мора безусловно да ги поддржи опозициските кандидати во сите општини, со цел зачувување на кредибилитетот и политичката конзистентност.

„СДСМ како опозициска партија мора секогаш и секаде, безусловно да ги поддржи опозициските кандидати, без калкулации и без исклучок. Ако некој има проблем со тоа – има проблем со разбирање политика“, напиша на платформата X висок функционер на СДСМ, д-р Андреј Петров. Тој додаде дека „во Карпош и Скопје опозицијата што СДСМ мора да ја поддржи заради сопствен кредибилитет, се Стевче и Амар“, нагласувајќи дека „во политиката само прецизните ставови нешто значат“.


Сличен став сподели и поранешниот пратеник и директор, Јани Макрадули, кој во објава на Фејсбук потсети дека СДСМ има историска одговорност да биде активен чувар на демократските вредности и европската ориентација на државата.

„Многу луѓе, за жал, со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ ќе останат без работа. Затоа, да не заборавиме дека политичката историја нѐ учи — нема позитивен пример од гласање за ВМРО-ДПМНЕ. Денес и до недела, приоритет мора да се чуварите на победата, мобилизацијата за гласови, а не празни соопштенија и копирани постови“, напиша Макрадули.

Тој повика на активност и свесност за вредностите што ги претставува СДСМ, додавајќи дека „тоа чувство се гради со време, со посветеност и искуство — од лепење плакати, до борби во парламентот“.

Со ваквите пораки, СДСМ во Карпош испраќа сигнал за поголема мобилизација и политичка координација во поддршка на Јакимовски и опозициските кандидати во Скопје пред завршницата на изборната трка.

Можете да прочитате

Орце Ѓорѓиевски се сретна со поранешниот претседател Ѓорге Иванов

Возачите на ЈСП ќе си ја плаќаат казната ако поминат на црвено

Ѓорѓиевски: Градот полека застанува на нозе, го враќаме достоинството на скопјани