Еден од членовите на кумановската група, Фатмир Реќица, кој е осуден на 40 години затвор, вели дека за албанскиот народ тие се ослободители.
Преку директна врска од затворот Идризово за емисијата „Фронтал“ на косовската телевизија Т7, Реќица вели дека дискриминацијата што му се вршела на албанскиот народ е една од причините поради кои тие дошле од Косово во Македонија.
„За Албанците ние сме ослободители и борци на нашиот народ. Со оглед на настаните во Македонија, дискриминацијата на албанскиот народ. Дојдовме со добра волја со идеалот за национално единство“, рече Реќица по повод 8-годишнината од кумановскиот настан, пренесува „Експрес“.
Тој објасни и една од фотографиите на која се гледа со некои други соборци, некои убиени, а некои во затвор.
„На фотографијата некои се маченици, а некои се во затвори. На косовско-македонската граница. Во селото што ја поврзува границата. Не беше лесно да се мине границата, но бевме екстра внимателни на целиот пат“, раскажува тој.
Запрашан дали имаат поддршка од Косово, Реќица рече дека имаат поддршка, но дека ќе дојде време кога ќе ги откријат со имиња и презимиња кој ги поддржал и кој ги турнал да донесат одлука за заминување кон Куманово.
„За жал, во Косово не се зборува, за тоа дека имавме поддршка од Косово. Имаме поддршка од добронамерници, не сме ги споменале. Ќе дојде ден кога ќе ги споменеме со име и презиме, кој нѐ поддржа и кој нѐ втурна“, рече тој.
Реќица потсети дека е осуден на 40 години затвор и напомена дека си ја исполнил својата должност.