Чешката влада донесе одлука за ограничување на цените на струјата и гасот за да ги заштити домаќинствата од растот на пазарните цени, рече премиерот Петр Фиала.
Како и другите европски земји, Чешка одлучи да ги заштити своите граѓани и бизниси од зголемените пазарни цени поради намалениот проток на руски гас во Европа, последица на руската агресија врз Украина и европските санкции против Москва, пишуваат медиумите.
Чешката влада најави дека ќе се погрижи овој национален план, кој мора да биде одобрен од парламентот, да оди заедно со паневропското решение подготвено од Европската комисија и земјите-членки.
„Ги гарантираме цените, секој ќе знае колку ќе плати, а ќе биде невозможно некој да плати многу повеќе од лани“, рече Фиала на прес-конференцијата.
Цените на струјата за домаќинствата ќе бидат ограничени на 6 чешки круни (0,24 евра) за киловат час и 3 круни за гасот, а таквите цени важат и ќе важат од ноември.
Фиала додаде дека решенијата за високите цени на енергенсите за индустриските субјекти ќе бидат објавени во среда.
Чешките цени на струјата, кога ќе се вклучат даноците, ќе бидат околу 200 евра за мегават час, што е нивото на цените споменато во предлогот на Европската комисија за цените на енергенсите освен гасот.
Владата ќе му овозможи на јавниот сектор, вклучувајќи ги болниците, општините и училиштата, да имаат гарантирани цени на енергијата.
Министерот за финансии Збинек Станјура рече дека ограничувањето на цените ќе ја чини државата околу 130 милијарди круни следната година, а пакетот мерки ќе се финансира со дополнителни даноци за секторот за производство на енергија, рафинериите за нафта, банките и трговците со гас и електрична енергија.