
Руски дрон пред речиси два месеци ја оштети скапата заштитна купола на нуклеарната централа Чернобил, која доживеа хаварија во 1986 година. Опасноста не е акутна, но поради радијацијата треба да се поправи обвивката.
Украинските власти со недели бараат начини да ја затворат големата дупка над оштетената единица 4 на деактивираната нуклеарна централа Чернобил, што беше предизвикано од рускиот напад.
Ноќта на 14 февруари, руски дрон ја проби заштитната купола. Потоа избувна пожар кој предизвика значителна штета на кровната конструкција. Пожарот беше изгаснат дури на 7 март, три недели по ударот.
„Примарна задача е да се затвори дупката со големина од околу 15 квадратни метри, но и повеќе од 200 мали дупки кои Државната агенција за управување со вонредни состојби ги избуши на покривот за време на операцијата за гаснење на пожарот“, вели Григориј Ишченко, директор на украинската државна агенција одговорна за управување со зоната на исклучување околу централата во Чернобил.
Според Ишченко, на лице место пристигнуваат експерти од истражувачки институти за да ги испитаат заштитните школки. „Прелиминарните препораки за поправки треба да бидат достапни во рок од еден месец“, вели експертот за ДВ.