Утрински Весник
Економија

Цената на дизелот во Македонија со најголем раст споредено со земјите во регионот

Lukoil.jpeg

Регулаторната комисија за енергетика денеска ги соопшти новите цени на горивата кои ќе важат од ноќеска на полноќ.

Според одлуката, цената на евродизелот ќе изнесува 85.50 денари што е зголемување за 14,50 денари.


Процентуално, тоа значи дека цената на дизелот ќе се зголеми за 20% бидејќи денес (09 март) таа изнесува 71 денар за литар.

Сето ова е последица на војната во Иран и Блискиот исток како и затворањето на Ормутскиот теснец што придонесе за намалување на извозот а некаде и целосно затворање на нафтените капацитети во како што е во ОАЕ, Кувајт, Катар, Ирак, Бахраин…

Оттаму, цената на суровата нафта го достигна четиригодишниот максимум па зголемување на цените на горивата има во многу европски држави

Како е во Хрватска, Србија, Црна Гора, Косово?

Освен во нашата држава раст на горивата има и во соседните земји, но колку тие се зголемени споредени со нашето зголемување?

Растот од 14,5 денари пресметано во евра значи раст од 23,5 евроценти, односно за толку од полноќ ќе биде поскап во Македонија.

Тоа е поголемо поскапување споредено со земјите во опкружувањето.

Во Хрватска дизелот се зголеми за 24 центи, но со интервенција на државата во акцизата, граѓаните во Хрватска ќе платат само седум евроценти повеќе за литар дизел.

Во Црна Гора цената на дизелот се зголемува за 16 евроценти, додека во соседно Косово од денес е зголемена за осум евроценти.

Србија, веќе претходно донесе одлука за цените на горивата, каде цената на литар дизел е зголемена за симболично три динари односно само 2,5 евроценти.

Гледано со оваа споредба, иако во сите останати земји горивото е поскапо отколку во Македонија, сепак нашата држава го бележи и најголемото зголемување на цената во период кога цените на нафтата продолжува да растат на берзите.

Можете да прочитате

Во февруари годишна инфлација од 2,9%

Огромен раст на горивата во Македонија, Регулаторна ги соопшти новите цени

Доаѓа ли нова глобална рецесија? Берзите тонат, цената на нафтата само расте