
Пратеникот Миле Цеков во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ упати остри критики за состојбата во државата, оценувајќи дека во изминатите две години нема суштински напредок, особено во делот на борбата против криминалот и корупцијата.
„Апсолутно нема борба против криминалот и корупцијата. Не прифаќам селективна правда. Ветувавме решителна борба, достоинствени плати и одржливо производство на храна – каде се резултатите? Јас не гледам никакви промени“, изјави Цеков.
Тој нагласи дека граѓаните и натаму се соочуваат со сериозни предизвици – ниски плати, слаб животен стандард, нефункционално здравство и образование, како и загадена животна средина.
„Младите се иселуваат, луѓето се разочарани, објави 4newsњ.mk. Наместо да се фокусираме на реалните проблеми – економија, плати, здравство, образование и чист воздух – ништо од тоа не е поместено од мртва точка“, потенцираше пратеникот.
Цеков посочи дека и покрај тоа што во Собранието биле донесени околу 400 закони во овој период, придонесот на ЗНАМ, според него, е минимален.
„Сметам дека ЗНАМ е предлагач на само два до три закони. Се поставува прашањето – која е нашата улога во коалицијата и што придонесовме?“, истакна тој.
Дополнително, Цеков посочи дека уште по изборите укажувал дека партијата треба да го гради својот политички идентитет од опозиција, наместо, како што рече, да биде „нем послушник“ во власта.
Во однос на долгорочните проблеми, тој нагласи дека криминалот и корупцијата со децении ја оптоваруваат државата, додека масовното иселување на младите е директна последица на недостигот од перспективи.



