Утрински Весник
Македонија

Бугарија лута по изјавите на Александар Николоски: „Тој провоцира, ги известивме партнерите“

Aleksandar Nikoloski 2.jpg

Лавина реакции во Бугарија предизвикаа изјавите на македонскиот вицепремиер и министер за транспорт Александар Николоски, кој ја нарече земјата „нецивилизиран домаќин“, говорејќи за изостанувањето на македонското знаме на фотографијата на македонската претседателка, Гордана Сиљановска-Давкова и нејзиниот бугарски колега, Румен Радев.

Рекција стигна и од Кабинетот на Радев, од кадешто велат дека манипулирањето со фактите и хистеричните реакции на владата на Република Северна Македонија не влеваат оптимизам за напуштање на полето на провокации и оркестрирани скандали.

„Отворениот и конструктивен дијалог, дури и на неформалниот состанок, каков што се одржа меѓу претседателите на Република Бугарија и на Република Северна Македонија на 13 ноември, очигледно длабоко вознемири одредени кругови во владата на РСМ“, се вели во соопштението од кабинетот на Радев.

Додадоа дека цивилизираноста на новата влада допрва ќе се оценува во насока на тоа дали ќе продолжи да биде дел од кампањите за поттикнување на омраза кон Бугарија или ќе се спротивстави и ќе ги почитува меѓународните договори, со нејзината посветеност за имплементација на Копенхашките критериуми за членство во ЕУ.

Реагираше и лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, кој побара оставка од македонскиот вицепремиер Александар Николоски поради, како што рече, неговите навредливи зборови кон Бугарија:

„Очигледно со овие луѓе, пријателските средби, па и оперски, не треба да се одржуваат надвор од официјален простор“, рече Борисов и додаде: „Оставка на тој министер. Ако не го сторат тоа, ниту претседателот, ниту министрите, ниту партиите не треба да се видат или да разговараат со нив“, рече Борисов, пренесе „Бнр.бг“.

Според Лена Бориславова, Република Северна Македонија се оттргнува од европскиот пат поради внатрешно-политички причини.

„Она што можеме да го коментираме за случајот со Северна Македонија е дека јазикот што го користат е неприфатлив. Ние сме на мислење дека договорот што е склучен врз основа на францускиот предлог е доволно добар и се виде дека и покрај критиките издржавме во тој момент, целосно политички мотивирани, во моментов интересите на Бугарија се заштитени, но колегите од Северна Македонија од политички причини, внатрешно-политички причини го оттргнуваат својот народ од европскиот пат“, рече таа, пренесе „БНР.бг“.

Лидерот на „Вазраждане“ Костадин Костадинов скандалот со исчезнатото македонско знаме од средбата меѓу претседателот Румен Радев и Гордана Силјановска го нарече „вештачки“, а изјавите на Александар Николоски ги оцени како провокација.

Претходно, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски вчера во гостување на ТВ Алфа, зборувајќи за отсуството на македонското знаме на заедничката фотографија на Сиљановска-Давкова и Радев, рече дека очигледно домаќинот не е цивилизиран и дека помизерни од нив се само домашните слуги.

Бугарското Министерство за надворешни работи вчера соопшти дека ги известиле партнерите за неиспровоцираните провокации од функционери на Северна Македонија, чија цел е да се наруши дијалогот.

Можете да прочитате

Да ја оспориме неправдата – претседателката Сиљановска Давкова на 16 дена активизам против родово-заснованото насилство

Конгресот го избра новиот состав на Централниот одбор на СДСМ

Мицкоски: Посакувам СДСМ да наликува на конструктивна опозиција