
Кандидатот за градоначалник на Чаир и поранешен министер за надворешни работи, Бујар Османи, денеска алармираше за можноста Бугарија да се соочува со сериозен безбедносен пробив, кој претставува ризик не само за земјите во регионот, туку и за високи претставници на Европската унија и меѓународните организации.
Говорејќи за случајот со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, чии навигациски системи беа блокирани над Бугарија, Османи потврди дека идентична ситуација му се случила и нему во 2023 година, откако вчера дел од медиумите во регионот го објавија овој досега непознат факт. Тоа се случило додека тој бил претседавач на ОБСЕ и се враќал од официјална посета на Молдавија.
„Не го објавивме тоа јавно бидејќи мислевме дека е изолиран случај. Но, кога се случува сега, претседателот на ОБСЕ и претседателот на ЕУ се нападнати од руски инсталации во Бугарија, ова го крева прашањето на повисоко ниво,“ изјави Османи.
Тој посочи дека станува збор за воспоставена шема на хибридни напади со џем-технологија која ги попречува комуникациските и навигациските системи на авионите, а воедно ја дестабилизира и безбедносната архитектура на НАТО и ЕУ.
„Ова го крева прашањето за руското мешање, за националната безбедност на Бугарија и безбедноста на меѓународните организации.“
Османи оцени дека ситуацијата мора да биде третирана со највисок приоритет од страна на меѓународната заедница:
„Ова, мислам, ги вознемири и меѓународните безбедносни институции, бидејќи се чини дека ова сега е воспоставена шема таму и мора да се преземат мерки.“ – рече Османи.
Во услови на зголемени геополитички тензии и хибридни закани, Османи нагласува дека не станува збор за инциденти, туку за системски предизвик за безбедноста на целиот регион и на европските институции.