
Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, во дебатата на „Топ Тема” на Телма истакна дека токму тој стои зад најзначајните инфраструктурни и јавни проекти реализирани во Чаир во изминатите години, иако досега не бил дел од локалната власт.

„Јас спомнав само неколку проекти што јас ги правев од позиција на министер во Владата. Иако моите ангажмани беа Брисел, Вашингтон, НАТО, законот за јазици, сепак, јас ја имам направено најголемата градинка во Чаир, ‘Бамби’, која денес тие ја промовираат. Јас сум ја градел и гинекологијата во Чаир”, изјави Османи.
Тој додаде дека благодарение на неговиот личен ангажман и институционален авторитет, Чаир добил и други значајни инвестиции.
„Јас го донесов Универзитетот ‘Мајка Тереза’ во касарната ‘Илинден’, бидејќи директно сам преговарав за него со Армијата. Ние преку Владата обезбедивме еден милион евра за базенот во Чаир, 500 илјади евра за салата ‘Партизан’, а канализацијата во Серава е направена со парите од ТАВ”, потенцира Османи.
Тој нагласи дека речиси сите капитални проекти што денес се промовираат од локалната власт се финансирани од Владата и реализирани со негова поддршка.
„Сите проекти што се направени, ние сме ги помогнале и финансирале од страна на Владата”, рече Османи.
Во однос на актуелниот градоначалник, Османи посочи дека Чаир со години е заробен од истата политика и истите лица, кои не успеале да донесат промени ниту со децении на власт.
„Сегашниот градоначалник го нема. Значи ние треба да ги криеме градоначалниците за да може да ги добиеме изборите”, рече Османи.
Тој порача дека Чаир има потреба од целосна промена на менталитетот и начинот на управување.
„Јас сум го докажал тоа во сите институции што сум ги водел. Ми велеа дека како доктор не можам да водам дипломатија, дека не може да се реши прашањето со името, дека не може да се донесе законот за јазици, но каде и да сум влегол, сум влегол со дисциплина, посветеност и верба дека може”, рече Османи.