
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествуваше на Националниот настан за вмрежување на Локалните економско-социјални совети, каде ја истакна определбата на Министерството за отворена соработка и дијалог со сите засегнати страни. „Транзицијата мора да донесе подобар живот за сите нас. А тоа е можно само ако сме отворени, достапни и ако работиме заедно. Министерството е партнер за секоја општина, секоја организација, секој работник и секоја компанија што носи иницијатива.
Можете да ни се обратите во секој момент“, изјави Божиновска. Локалните економско-социјални совети ја обединуваат општините, синдикатите, бизнис-заедницата, граѓанските организации и институциите во процесот на праведната енергетска транзиција. „Ако не работиме заедно, ако работниците, општините, локалниот бизнис и граѓанските организации не се во процесот тогаш процесот нема да успее. Многу е едноставно“, нагласи министерката.
„Со тоа се отвора реален простор за инвестиции што ќе ја придвижат транзицијата напред. Но мора, сите вклучени чинители, посебно општините, да се поодговорни, да се понудат реални издржани проекти за да ги користиме средствата ефикaсно. Нашата задача е да обезбедиме јасна политичка насока, координација меѓу институциите и поддршка за квалитетни локални проекти. Ние не сакаме транзиција само на хартија. Сакам секоја општина да има шанса да развие проект, секој работник да има пристап до нови можности, а секоја заедница да почувствува дека ова е процес што создава вредност не страв. Затоа сме тука, затоа сме отворени“, додаде Божиновска.

