Утрински Весник
Македонија

Божиновска: Го заштитуваме македонскиот рубин – време е да ја промовираме магијата на нашето минерално богатство

Iam02212 scaled.jpg

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, ја посети малата галерија „Откритие“ во Скопје, која под водство на невладина организација се посветила на зачувување, документирање и промовирање на богатото минерално наследство на Република Македонија.

Во рамките на посетата, министерката Божиновска нагласи дека македонскиот рубин, единствен по своето потекло и својства, заслужува институционална заштита и признавање како национално богатство. Таа истакна дека е време не само ентузијасти, поединци и невладини организации да го промовираат овој уникатен камен, туку и државните институции активно да се вклучат. Министерството веќе работи на координирање на сите релевантни институции – заедно со Геолошкиот завод на Македонија – со цел македонскиот рубин да добие официјален статус на заштитено национално минерално наследство.


Посетата беше збогатена со присуството на амбасадорот на Француската Република, Кристоф Ле Риголер, како и на Грегоар Егороф, претставник на Националниот музеј за природни науки во Париз. Господинот Егороф на галеријата и донесе ретки примероци на камења и минерали од Франција – меѓу кои и каменот со кој се изградени катедралата Нотр Дам и Елисејската палата – а како автор на книга за минералите на Европа, најави дека размислува во следното издание да го вклучи и македонскиот рубин.

На настанот присуствуваше и директорот на Геолошкиот завод Ивица Андов, кој даде стручна поддршка за иницијативата и ја нагласи научната вредност на рубинот.

Посебен впечаток остави долгодишниот промотор на македонскиот рубин, Деко, кој детално ја раскажа историјата на секој примерок и ја претстави изработката на уметнички клуч во кој се вградени македонски рубин, амазонит и сите други минерали од нашето тло. На прашањето на амбасадорот Ле Риголер што симболично „отвора“ овој клуч, одговорот беше: „Срцето на македонскиот народ, а ако сакаме – и тајните на нашата преубава земја.“

Македонскиот рубин, познат и како корунд со карактеристична црвена боја, е геолошки уникатен: се наоѓа единствено во околината на Прилеп и во планините околу Мариово и е единствен рубин во Европа кој природно се вади и обработува. Освен естетската и колекционерска вредност, тој е дел од културното и историското наследство на нашата земја.

Министерката Божиновска порача дека ова е само почеток на поголем процес на заштита, вреднување и меѓународна промоција на македонското минерално богатство – како дел од националниот идентитет и нашата природна гордост.

Можете да прочитате

Три лица уапсени за семејно насилство во последното деноноќие

Приведени седум лица во Скопје

Пронајдено тело на почината жена во двор од семејна куќа во Скопје