Утрински Весник
Економија

Бошков: На македонската економија и недостига антикоруптивно, етичко и бизнис морално однесување

Mile Boskov Organizacija Na Rabotodavaci 3.png

На македонската економија и недостига антикоруптивно, етичко и бизнис морално однесување. Генерално сите велиме дека се почитува она што е напишано во законот и ставено како корпоративна легислатива, но корупцијата не работи сама, секогаш е потребно некој да ја понуди и да ја прими. Сивата економија за нас е дел од корупцијата, работата „на црно“ е дел од изматата и затоа, како општество, навистина треба да размислиме како ќе го регулираме тоа за да излеземе од економската кал, оцени денеска претседателот на Бизнис конфедерацијата Миле Бошков.

Според Бошков, домашното стопанство мора да се базира на легални економски дејства. Во спротивно, рече, освен што ќе трпат штета граѓаните и даночните обврзници, земјава ќе претставува и вид опасност за глобалниот пазар од аспект на инвестиции и пенетрирање на странски компании.

-Стандардите се гаранција за квалитетот и безбедноста и ги намалуваат сите можни сомнежи дека делата (работата) се чесни и легални, но од друга страна, неопходно е да проработи свеста во македонското стопанство за да имаме лесни, легални економски дејства. Сите други, поинакви процеси, негативно влијаат не само врз македонската економија и македонските граѓани, буџетските и даночните обврзници кои претрпуваат штета, туку не сме ни добро место за водење бизнис од страна на странски инвеститори. Ние сме, така кажано, опасност за глобалниот пазар кога би станало збор за инвестиции и пенетрирање на компании во македонската економија, истакна Бошков, одговорајќи на новинарски прашања пред почетокот на настанот по повод 9 Јуни, Светскиот ден на аредитацијата.

Иако стандардот против поткуп и корупција (ИСО 37001) се уште не е воведен, тоа не значи, напомена Бошков, дека компаниите и бизнисот во земјава воопшто, не треба да се однесува совесно и етички.

-Во однос на корупцијата или етичкото однесување на бизнисите, се уште немаме акредитиран стандард, но тоа не значи дека компаниите, па и целото стопанство не треба да се однесува етички, морално, антикоруптивно. Принципите кои се загарантирани со меѓународните конвенции, како и директивите на ЕУ треба да се спроведуваат во македонската бизнис заедница. Состојбата во нашето општество е таква каква што е, се знае Македонија според индексите на корупција на кое ниво се наоѓа и каде е рангирана. Можеби е важно и секое индивидуално постапување на етички стандардизиран, морален начин да придонесе и да биде добар пример во општеството, истакна претседателот на Бизнис конфедерацијата. 

Како што најави директорот на Институтот за акредитација на Република Северна Македонија (ИАРСМ), Слободен Чокревски, ИСО 37001, но и ИСО 27001, стандардот за информатичка безбедност, треба наскоро да бидат воведени. Двата се во фаза на интензивни подготовки со помош на странска експертиза. За ИСО 27001 се работи со ГИЗ, а за ИСО 37001 со УСАИД.

Можете да прочитате

Пред пропаѓање е германскиот производител на електрични автомобили „е.ГО“

Зголемен прометот од продажбата на услугите во првото тримесечје

Вицегувернерката Митреска на Годишното собрание на ЦЕФ: Инвестирањето во човечките ресурси е клучно за градењето силни институции