Утрински Весник
Свет

Борел: Мир на Блискиот Исток е можен само со сеопфатен процес за решение со две држави

Img 8100

Ние знаеме кој е Хамас и што направи и го осудивме тоа, но мир и стабилност не може да се градат со употреба на воени средства и не на начин на кој тоа го прави Израел, изјави денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел пред почетокот на Советот за надворешни работи на Европската Унија во Брисел, на кој главни теми се состојба во регионот на Блискиот Исток и руска агресија врз Украина.

– Ќе разговараме за сеопфатен пристап. Мислам дека треба да престанеме да зборуваме за мировен процес и да почнеме конкретно да разговараме за процес со решение за две држави.

Мирот може да има многу различни делови. За каков мир разговараме? Затоа дајте да разговараме за тоа што сакаме да го направиме. Ако сакаме решение со две држави, да разговараме за тоа, рече Борел.

Според него, како што јави дописникот на МИА од Брисел, важно е како ќе се нарекуваат работи и затоа отсега нема да говори за мировен процес, туку за процес за решение со две држави во кој мора да бидат опфатени сите делови, меѓу кои и Хамас.

– Знам дека е тешко, но мора да разговараме со арапскиот свет. Наша морална обврска е да направиме се, за да се обидеме да дојдеме до решение.

Затоа од сега ќе говориме за процес за решение со две држави, истакна Борел.

Тој додаде дека и ЕУ и ОН знаат дека Израел не го прифаќа решението за две држави, но, како што рече, „дури и ако не се согласуваме, мора да разговараме“.

– Ќе разговараме да слушнеме какво решение имаат. Да ги протераат сите Палестинци? Да ги убијат? Веќе се убиени 25. 000 во Газа, од кои 70 проценти се жени и деца.

Тоа што го прават не е начин да се уништи Хамас, тие само создаваат омраза за генерации во иднина, рече Борел.

Тој оцени дека денешниот Совет за надворешни работи е исклучително важен, бидејќи досега на ниту едно негово заседание немало толку важни гости во вакви драматични околности, потсетувајќи дека европските шефови на дипломатиите ќе имаат одделни разговараат со министерот за надворешни работи на Израел, Израел Кац, потоа со нивните колеги од Саудиска Арабија, Фајсал бин Фархан Ал Сауд, на Египет, Самех Шукри и на Јордан, Ајман Сафади и со генералниот секретар на Лигата на арапски држави, Ахмед Абул Геит и на крајот со министерот за надворешни работи на Палестинската автономна управа, Ријад ал Малики.

– Денеска тука ќе ги слушнеме сите фактори, сите земји кои се директно погодени од состојбата во Газа, додаде Борел.

Тој истакна дека за хуманитарната ситуација во Појасот Газа, европските министрите директно ќе бидат брифирани од новата координаторка на ОН за Газа, Зигрит Каг.

– Хуманитарната ситуација не би можела да биде полоша.

Нема зборови со кои може да се објасни состојбата, со стотици илјади лица без ништо, без сметување, без храна, без лекови и изложени на бомби, додаде Борел.

Тој нагласи дека во такви услови секојдневно гинат многу цивили, па се поставува прашањето колку многу загинати е премногу и до кога ќе трае ова.

Според него, тоа што сега се доставува како хуманитарна поддршка за Газа, не е доволно за потребите на цивилното населени и мора да се направат напори да се отворат пристаништа и гранични премини за дистрибуција на помошта, бидејќи во сегашните услови луѓето не можат да опстанат.

Борел нагласи и дека тоа што во моментов ЕУ е посветена на барање решение за Блискиот Исток, не значи дека ќе ја запостави Украина, потенцирајќи дека случувањата во земјата се прва точка на дневниот ред на заседанието на Советот и дека Унијата ќе продолжи со поддршката за Киев.

– Украинците не треба да се грижат. Европската поддршката продолжува, силна како и секогаш и ќе продолжи, додаде Борел.

Можете да прочитате

Зеленски верува дека војната ќе заврши во 2025 година

Путин потпиша закон за отпис на кредитни долгови за учесниците во специјалната воена операција

33.000 домаќинства во Франција останаа без струја поради невреме