Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, заедно со директорите на Јавните претпријатија за патишта, Ејуп Рустеми и Костадин Ацевски, и градоначалниците на општина Струмица и општина Босилово, денеска извршија увид во започнување на реконструкцијата на регионалниот пат Р 1404 Робово – Муртино.
Инвестицијата за реконструкција на овој патен правец е во висина од 48 милиони денари и е по барање на граѓаните од општините Струмица и Босилово.
„Државата го прекатегоризира овој локален пат во регионален, за да може комплетно да биде реконструиран, со цел подигнување на безбедноста на патување во овој регион. Инвестицијата е во висина од околу 48 милиони денари. Вложуваме, инвестираме, работиме речиси во сите општини низ државата. Југоистокот, како регион кој има голем економски и туристички потенцијал, е од големо значење за нас и затоа даваме поддршка на локалните самоуправи за обезбедување забрзан регионален и економски развој, поефикасно регионално поврзување и подобрување на условите за живот на граѓаните“, изјави Бочварски.
Потенцираше дека завршена е реконструкцијата на патниот правец Габрово – Колешино – Смоларе, завршена е изградбата на канализациониот систем во н.м. Банско и дека во тек е постапката за избор на изведувач за изградба на фекален и атмосферски канализационен систем во н.м. Градско Балдовци, за што преку Министерството за транспорт и врски се издвоени 80 милиони денари.
„Би сакал да информирам за овој регион дека ја подготвуваме проектната документација за реконструкција на делницата Струмица – Дабиле која е во должина од 3 км и ќе биде заедничка инвестиција на ЈП за државни патишта, заедно со општина Струмица. Исто така го завршивме проектот за експресниот пат Струмица – Валандово, а работиме и на проектната документација за патниот правец Струмица – граница со Р. Бугарија“, изјави директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми.