Во време кога германските власти обидуваат да се борат против масовниот пораст на екстремизмот, германската домашна шпионска агенција, Федералната служба за безбедност (БНД) во средата ја класифицира младинската организација на крајнодесничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) како „екстремистички ентитет што ја загрозува демократијата“.
Класификацијата на Младите алтернативци доаѓа откако Германија кон крајот на минатата година спречи обид на друга крајнодесничарска група да почне насилен преврат во државата за да постави како национален лидер принц кој барал поддршка од Русија.
Двајца од уапсените во рацијата во тоа време биле членови на АфД.
БНД во средата класифицираше и две други организации – Институтот за државна политика и „Еден процент“ – како екстремистички ентитети кои работат на цели против уставот.
„Правиме се за да ја исушиме плодната почва за екстремно десничарско насилство. Актерите на т.н. „нова десница“ не шират ништо друго освен омраза и дискриминација кон оние што мислат поинаку, бегалците и кон луѓето со мигрантско потекло “, истакна германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер.
БНД соопшти дека Младите алтернативци сакаат општество што е етнокултурно хомогено, сметаат дека е фундаментално невозможно да се интегрираат мигрантите од неевропско потекло и предупредуваат на уништување на „органски развиените европски народи“.
Во објава од 22 март на Фејсбук, групата напиша: „Германците сега се на дното на хиерархијата на жртви во нашето општество“.
Новата класификација на БНД би можела да има влијание врз способноста на членовите на АфД да бидат вработени во јавниот сектор или да добијат лиценци за оружје.
Младите алтернативци изјавија дека не се изненадени од одлуката, велејќи дека шпионската агенција „едноставно си ја врши работата, која, во суштина, се состои од репресија на опозицијата“, додавајќи дека ќе преземат правни чекори против класификацијата.
Класификацијата не се однесува на самата АфД, а според Манфред Гелнер од анкетарската агенција „Форса“, малку е веројатно дека таа че има големо влијание врз партијата, чиј рејтинг е на рекордно ниво од 15-17% бидејќи го капитализира гневот на гласачите поради зголемените цени на енергенсите предизвикани од војната во Украина.
АфД е основана во 2013 година како партија против еврото за време на должничката криза во еврозоната, но набрзо се насои вдесно, профитирајќи од бесот предизвикан од политиката на отворени врати за мигрантите на поранешната канцеларка Ангела Меркел во 2015 година и поради пандемиските карантини.
АфД сега е најуспешната германска крајнодесничарска партија по Втората светска војна и моментално, според рејтингот, е само неколку процентни поени зад Зелените и владејачките Социјалдемократи (СПД).
„Видовме дека целата дискусија за тенденциите на екстремната десница не ѝ наштети на АфД. Напротив, тоа ѝ помогна на партијата да го собере целиот потенцијал на радикалната десница што остана во Германија по колапсот на националсоцијализмот,“ посочи Гелнер.