Компанијата Блу Ориџин го откажа денешниот обид за лансирање на ракетата Њу Глен додека не се реши „проблемот со потсистемот на возилото“, соопшти компанијата.
– Ги разгледуваме можностите за нашиот следен обид за лансирање, соопшти компанијата на Х.
Основачот на Амазон Џеф Безос ја создаде Блу Ориџин во 2000 година, а компанијата е конкурент на СпејсИкс на Илон Маск во вселенската индустрија.
Ракетата Њу Глен, висока колку 30-катница, се очекува да ја наруши доминацијата на СпејсИкс на пазарот и да го почне долго одложуваното влегување на Блу Ориџин на пазарот за лансирање на сателити.
Безос претходно изјави дека не мисли оти извршниот директор на СпејсИкс Илон Маск, ќе ги искористи своите блиски врски со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за да ја поткопа неговата вселенска компанија Блу Ориџин (Blue Origin), додавајќи дека се чувствува „многу оптимист“ за вселенската агенда на претстојната администрација.
– Илон беше многу јасен дека тоа го прави за јавен интерес, а не за своја лична корист. И јас го земам тоа здраво за готово, рече Безос.
Маск, кој потроши повеќе од четвртина милијарда долари помагајќи му на Трамп да биде реизбран за претседател, има влијание врз него за прашања поврзани со истражување на вселената
Минатиот месец тој рече дека САД треба да испратат мисии директно на Марс наместо прво да одат на Месечината, што предизвика загриженост во индустријата за можен голем потрес во програмата за истражување на вселената на НАСА.
– Мое мислење е дека треба да ги направиме и двете – треба да одиме на Месечината и треба да одиме на Марс, рече Безос на прашањето дали е загрижен за промените во програмата на НАСА за повторно слетување на Месечината.
– Она што не треба да го правиме е да ги почнуваме и да ги запираме работите. Дефинитивно треба да продолжиме со лунарната програма, рече Безос.
Се очекува Трамп да направи големи промени во програмата на НАСА за Месечината во неговиот втор претседателски мандат и да се фокусира многу на испраќање мисии на Марс.
Амазон донираше еден милион долари во инаугуративниот фонд на Трамп и ќе го пренесува настанот на својата платформа Прајм Видео. Основачот и извршен претседател на Амазон се состанаа со Трамп, но за Ројтерс изјави дека немало дискусии за вселенската програма.
Блу Ориџин има договор од три милијарди долари со НАСА за испраќање луѓе на Месечината до крајот на оваа деценија, по мисиите Старшип на СпејсИкс, ракетата за повеќекратна употреба на Маск која е во напредна фаза на развој и е предвидена за испраќање луѓе и товар на Месечината и Марс.