
Во новата епизода на шорткастот на ИМА „Интеркултура” гостин на Роберт Алаѓозовски е Бленди Ходаи, граѓански активист, маркантен лидер на средношколците и студентите. Со Алаѓозовски разговараа за проблемите што ги притискаат младите, граѓанскиот активизам, протестите против корупцијата и трагичните случаи, промените на системот и потребата од нова политичка култура.
Според Ходаи, тешко е да се очекува вистинска правда и ефикасна правна разрешница за случајот со Кочани, имајќи предвид дека „довербата на граѓаните во правосудниот систем е најмал во историјата на државата, само 2%“.
„Треба да се сфати дека не можеме веќе да зборуваме дека тие се трагедии, туку тие се најеклатантен пример на тоа што корупцијата убива, не само Кочани и другите претходни трагедии што ни се случија во минатите 5-6 години. Дали јас сметам или чувствувам дека има некоја перспектива дека ќе има правда? Не воопшто… Државниот апаратус, наместо да се фокусира на тоа да целиот ангажман да го стави во тоа дека треба да им помогне на правосудниот систем, да има вистинска правда, тие целиот фокус го дадоа на тоа да направат контаминација на тој граѓански револт и граѓански гнев што го имавме. Имаше и една лингвистичка борба да не се користи зборот протест заради тоа што сакале да го поврзат со тоа дека се однесува на некој вид протести од минатото, со Шарената револуција. “, категоричен е Бленди Ходаи.
Тој ја наоѓа својата причина за граѓански активизам во темелна промена на политичката култура во земјата.
“Идејата е да создаваме една нова култура во граѓанскиот активизам, но исто така и да создаваме една нова политичка култура, што во иднина, било кој, кога овие што се сега ќе одат во пензија, некој од нив ќе починат, кога ќе дојдеме ние, некој од нас во тие раководни позиции да ја покажеме таа новата политичка култура и новиот елан за промена во целиот систем. Заради тоа што веќе гледаме дека тоа што се направи во овие изминатите 35 години од кога е независна Македонија, гледаме дека ни е потребно да имаме една промена на целиот систем, не само промена на политичка партија или промена на фигурите кои е денеска премиер, кои ќе биде утре, тоа не е промена. Нас ни треба буквално суштинска и вистинска промена и во институциите и во начинот како ние функционираме во делот на раководење со државата.“ посочи тој.
За Ходаи е битно да се смени логиката и пристапот кон занимавањето со политиката.
„Дефинитивно мислам дека ни е потребно да имаме една генералка во целата политичка сцена, да немаме луѓе што ги гледаме откога сум бил роден, ги имам видено по телевизии до ден денеска како го промовираат дека ќе ја донесат промената, а не го немаат направено тоа за 20 и кусур години… Не треба да се гледа политиката како нешто што ќе влегувате, ќе направите кариера, ќе се збогатите и тоа. Не, вие доаѓате за да правите нешто за граѓаните, да донесете нешто конкретно што ќе имаат бенефит илјади и милиони луѓе што живеат во државата.“, објаснува Ходаи.