Утрински Весник
Економија

Битиќи: Стратешките инвестиции во енергетскиот сектор ќе ја намалат геополитичката ранливост на државата

Bitiki Fatmir Biti I Fatmir.jpg

Во собраниска процедура се договори за четири стратешки инвестиции во енергетскиот сектор. За содржината на овие договори и ефектите кои се очекуваат од овие стратешки инвестиции либертас.мк разговараше со потпретседателот на Владата за економски развој, Фатмир Битиќи

Либертас: Најавивте 4 стратешки инвестиици во државата. За почеток може ли накусо да ни кажете кои се тие инвеститори и која е нивната цел?

Битиќи: Ќе почнам со оној за кој очигледно во јавност се крена најногу прашина, а тоа е комбинираната електро и топлинска централа на грчкиот инвеститор Митилинеос. Вкупниот износ на инвестицијата е околу 290 милиони евра, што е износ кој до сега го нема достигнато ниту еден енергетски објект изграден од независноста до денес, и ќе има производствен капацитет од 165 мегавати електрична енергија и максимум од 105 мегавати топлинска енергија, или тоа да е појасно за граѓаните, ќе имаме производство на електрична енергија еквивалент на потребите на околу 100.000 домаќинства, како и топлинска енергија која е доволна да ги задоволи потребите на преку 35.000 домаќинства. Митилинеос е најголемата приватна енергетска компанија во Грција, со вкупен сопствен капацитет од 14.000 мегавати електроцентрали, и повеќе од 5.400 вработени.

Соларниот парк Стипион кој ќе го гради француската АКУО и кој ќе се гради на територијата на планираниот карго аеродром во Штип, кој според сите физибилити студии се покажа нелогичен и секако неисплатлив, е во вкупна вредност од околу 270 милиони евра, и ќе има инсталиран максимален производствен капацитет од соларни панели од 400 мегавати, или очекувано годишно производство од околу 700.000 мегават-часови електрична енергија. Овој соларен парк ќе биде прв во нашата држава кој ќе се гради според концептот на агроволтаични централи, односно во деловите каде ќе се протега над плодно земјоделско земјиште, ќе биде така изведен да може во исто време да се обработува земјоделското земјиште како и до сега. Француската АКУО поседува преку 80 соларни паркови во различни делови од светот, а последен проект кој е многу сличен на оној кој ќе го градат кај нас се прави во Португалија, и истиот има инсталирана моќност од 380 мегавати.

АИМ ГРЕЕН ТЕЦХ е стратешкиот инвеститор кој прави еден интересен склоп на електрична енергија произведена од соларни панели која ќе се комбинира заедно со производство на електрична енергија од мали гасни централи, што всушност ќе биде најголемата додадена вредност за нашата економија, затоа што ќе ја зацврстиме нашата енергетска сигурност со производство на базна енергија која е достапна во секој дел од денот. Покрај овие две технологии, инвеститорот се обврзува да постави и батериски системи кои ќе бидат дополнителна вредност поврзана со континуираното снабдување на електрична енергија на државата. Оваа инвестиција е во вредност од 149 милиони евра во прва фаза, плус 25 милиони евра во втора фаза, а ќе се реализира на територија на општините: Неготино, Петровец, Могила, Гевгелија, Илинден и Кичево

Со проценета инвестициона вредност од околу 51,9 милиони евра е соларниот парк Хек Солар кој ќе се гради во непосредна близина на Пехчево, во источниот дел од државата, кој конечно од конзумент ќе стане и производител на електрична енергија, со што секако ќе придонесе воbподобрување на севкупниот енергетски биланс на целата држава. Инсталираната моќ на овој парк ќе биде околу 70 мегавати, односно проектираното годишно производство ќе се движи околу 100 гигават-часови. Хек Солар е компанија од соседна Бугарија, која има повеќе од една декада искуство во изведба и менаџирање на вакви централи, има изведено околу 100 соларни централи, во 12 земји, кои имаат вкупен капацитет од 2,5 гигавати.

Либертас: Во моментов колку е Македонија суверена кога зборуваме за енергетиката?

Битиќи: Ќе се обидам да зборувам на наједноставен начин, за да биде полесно за вашите читатели, ние годишно увезуваме од 25-35% од сопствените потреби на електрична енергија, ова е податок кој е јавно достапен заклучно со 2022 година, затоа што за 2023 се уште немаме целосни официјално потврдени информации. Топлинската енергија пак која ја произведуваме од 100% увезен природен гас ја произведуваме во домашните топлани, што би се рекло тука немаме директен увоз на топлинска енергија, но индиректно целосно ја увезуваме преку гасот. Нафтата и нејзините деривати се исто така 100% увозни, освен оние мали количини биодизел кои се произведуваат кај неколку наши домашни производители. Оттука можеме да заклучиме дека, освен во оние енергенси кои ги немаме, затоа што секако немаме природни наоѓалишта за нив, ние треба да се концентрираме на ресурси и производство на енергенси со кои би можеле да го подобриме нашиот енергетски и пред се трговски биланс. Тоа секако можеме да го направиме преку носење на странски инвестиции, во ниеден случај не занемарувајќи ги домашните капацитети, за производство на електрична енергија, и од земја која е нето увозник да станеме земја која е нето извозник на електрична енергија, па во догледно време и на водород (хидроген) кој веќе во високо развиените земји се планира да биде енергенсот на иднината. Ваквите трендови ќе имаат мултисекторско влијание врз нашата економија, па ако сакате и на нашето целокупно општество, затоа што така наместо дефицит ќе бележиме суфицит во трговијата со електрична енергија, ќе се отворат многу нови високоплатени работни места во енергетиката, повеќе придонеси, даноци и други давачки кои овие инвестиции ќе ги уплаќаат во централниот буџет но секако и во општинските буџети. Позитивното влијание на животната средина со тоа што производството на РЕК каде примарен енергенс е лигнитот, во огромен дел ќе се замени со обновлива електрична енергија добиена од сонце, е од непроценливо значење за нашата држава, со посебен акцент на пелагонискиот регион. Последно но не помалку важно, подобриот трговски биланс ќе значи и поголем девизен прилив и подобри услови на девизниот пазар од аспект на монетарната политика.

Овие инвестиции се клучни за енергетскиот суверенитет на нашата држава затоа што намалувајќи ја зависноста од фосилни горива, ќе ни ја и намалат ранливоста на геополитички тензии и флуктуации на енергетските пазари. Северна Македонија ќе се стекне со поголема контрола врз снабдувањето со енергија, обезбедувајќи стабилност и автономија во задоволувањето на нашите енергетски потреби.

Овој стратешкиот прилив од четири инвестиции во обновливи извори на енергија, во вкупна вредност од 786 милиони евра, од осамостојувањето до денес, претставува најголем исчекор кон енергетска сувереност, затоа што во енергетскиот систем ќе добиеме инсталирана моќност од околу 865 MWh. Ова далеку ја надминува инсталираната моќност на РЕК Битола од 700 MWh, која во последните години, поради намалената ефикасност и неквалитетниот јаглен, се користи само со капацитет од 450MWh.

ЛибертасВо врска со соларниот парк имаше забелешки дека е на сметка на земјоделското производство. Дали земјоделието ќе претрпи штети поради оваа инвестиција?

Имаше, имало, а веројатно и понатаму ќе има скептици и квази експeрти кои ќе го напаѓаат овој проект, заради наводно уништување на земјоделското земјиште. Како што и претходно напоменав, уште еднаш ќе кажам дека соларниот парк Стипион ќе биде агроволтаична централа која истовремено ќе произведува електрична енергија, но ќе биде изведена на поголема висина во делот на обработливото земјиште со што истото ќе биде искористено за основната намена, односно за производство на храна. Исто така треба да се знае дека инвеститорот веќе се откажа од околу 160 хектари од парцелата, каде се наоѓа најплодното земјиште, а истото ќе им биде компензирано со други површини кои се физички споени со оваа парцела. Инвеститорот кој веќе има такви искуства, истите ќе ги имплементира и тука, веќе е во поодмината фаза на преговори со локални земјоделци, и со гордост можам да кажам дека ова е една навистина успешна приказна каде и постоечките земјоделци и стратешкиот инверститор ќе излезат како победници после завршувањето и комплетирањето на соларниот парк. Тука морам да го потенцирам и потегот на инвеститорот кој во договор со земјоделците, на своја лична сметка, презеде обврска за целосно чистење на каналите за водоснабдување кои поминуваат на тој потег, што е уште една поткрепа на ова што преходно го кажав. Инвеститорот веќе има потпишано и договори со одредени земјоделци во врска со отстапување на дел од земјиштето да може да го обработуваат и произведуваат храна. Земјоделците го поддржуваат градењето на оваа централа. Значи ние ги враќаме земјоделците на нивните од кои ВМРО-ДПМНЕ ги избрка, кои со години стоеја необработени. Сега истовремено ќе се произведува струја и храна, наместо ништо.

Либертас: Кои се придобивките од гасната когенеративна електрана што треба да ја изгради грчки „Мтилинеос“?  

Најголемата придобивка е што конечно ќе се остварат плановите од 60-те и 70-те години од минатиот век кога била планирана целокупната топловодна мрежа на Скопје, и конечно ќе го направиме она што требало да се направи пред околу 30 години, а тоа е затворање на топлотниот прстен околу Скопје, со што ќе овозможиме уште околу 36.000 домаќинства да се приклучат на градската топловодна мрежа, а сметките за испорачана топлинска енергија за секое наше домаќинство да се намалат за околу 30-40% од сегашните цени. Тоа ќе се случи со изградбата на оваа когенеративна централа, чија ефикасност во искористувањето на природниот гас е со многу висока вредност, што автоматски ќе значи и производство како на топлинска така и на електрична енергија по многу конкурентни цени.

Што е уште поважно, на оваа инвестиција не требада гледаме само од аспект на економски и енергетски придобивки, туку и од перспектива на здравјето на граѓаните на Скопје, кое серизоно е загрозено од неквалитетниот воздух. Со изградбата на оваа електрана ќе се создаде можност 36.000 домаќинства наместо да се греат на струја или дрва, да преминат на парно греење. Со тоа емисијата на штетни гасови за загревање на домовите значително ќе се намали. Оваа централа ќе значи и унапредување на квалитетот на јавното здравје.

Критиките кои доѓаат кон Митилинеос, односно градењето на когенеративна централа во Скопје е само израз на профитно мотивирана желба да се стопира овој стратегиски проект и да продолжи да се загрозува здравјето на Скопјани, на сметка на полнењето на приватни џебови.

Согласно деловниот план кој ни е доставен за период од 30 години државата ќе има приходи помеѓу 120 и 150 милиони евра. Или во бројки, на секое евро вложено во проектот, по основ на државна помош, во буџетот на државата ќе се слеат помеѓу две или три евра.

Либертас: Кои се вашите коментари за забелешките на дел од стручната јавност која се противи на овие инвестиции?

Тука ќе започнам најпрво со фактот дека „си имаме работа“ со луѓе кои се собрани на некој неформален начин, односно освен што во јавниот дискурс се претставуваат како здружение на инженери, во пракса такво нешто не постои. Нивните реакции со кои се појавуваат преку писмени дописи преку медиуми или директно до Владата, се потпишани од физички лица како група граѓани, а не како професионално здружение на експерти во одредена област. Секако, што сигурно нема да изненади никого, на листата на потпишани стои и еден уметник, како и еден поранешен амбасадор во земја во Јужна Америка, па сигурно јавноста лесно може да пресуди од чии центри на моќ и влијание произлегуваат овие реакции.

Јас кажав, и повторно ќе повикам, ги повикувам сите стручни лица во државата, кои имаат свој професионален багаж, но секако и кои имаат искуство во носење на големи инвеститори, да седнат, да направат анализа, и да видиме кои се опциите, која е алтернативата. Сите оние кои се удираат во гради дека имаат било какво учество во изградба на големи производствени капацитети, а притоа мислат на изградбата на РЕК Битола во една друга држава во сосема поинакви околности, ги повикувам малку подобро да размислат, затоа што сум сигурен дека знаат дека проблемот на изградба, или не изградба на некој голем енергетски капацитет не е само во знаењето, или само во потребните финансиски средства, туку дека било кој инвеститор во енергетика треба да биде еден хармонизиран спој на: знаење, капитал и искуство.

Токму од овие причини ние како Влада уште пред четири години започнавме со имплементација на законот за стратешки инвестиции, и го поставивме на таков начин каде различни компании во разни економски сектори ќе можат да ни пријдат со своја бизнис идеја и план, и заедно ќе ги преговараме деталите со цел да бидат задоволени интересите на приватниот инвеститор од една и државата од друга страна, а сепак да имаме една win-win ситуација од која и двете страни ќе извлечеме некаква полза.

Значи критиките кои се упатуваат во јавноста кон овие проекти немаат стратешки предзнак, туку политички. Затоа што доаѓаат од поединци кои од осамостојувањето на државата во повеќе наврати биле вклучувани во изработка на физибилити студии за различни енергетски постројки, за веднаш по нивното завршување, веројатно и наплатување, да згасни нивниот научен елан да бидат во функција на јавниот интерес и развој на енергетскиот сектор во државата. Никогаш јавно не го кренале гласот зошто нивните студии завршувале во фиока, зошто не се реализирале. Сега овие гласови се најбучни. Оваа Влада направи пробив во енергетскиот сектор, го промени статус квото во кое еден лидер на опозициска политичка партија одлучно функционираше и профитираше во тој централизиран и строго контролиран енергетски систем. И сега неговиот монополски комодитет му е нарушен, неговиот немир го прелева кај дел од своите колеги.

Либертас: Дали и колку МАНУ учествува во планирањето на енергетските политики во државата?

Како институција со долга традиција, и една од најреспектибилните во нашата држава кога станува збор за развојот на науката и научната мисла, МАНУ секако е вклучена во носењето на сите позначајни документи кои се однесуваат на енергетиката, како и одлуки кои засегаат одредени сегменти од енергетскиот сектор.

Последната енергетска стратегија која е усвоена на Влада пред неколку години, е работена од страна на експерти од енергетиката, со особено значајна вклученост на стручноста и капацитетите на членовите на МАНУ.

Либертас: Каков е планот за алтернативните извори на енергијата особено кога станува збор за малите нуклеарни постројки?

Ова е еден од новитетите за кои зборував на неодманешниот брифинг со новинари, а кои мислам дека ќе бидат едно револуционерно решение на нашите простори, бидејќи станува збор за мали модуларни реактори, со капацитети кои се адаптибилни на потребите на помали градови, со големина која најчесто одговара на градовите ширум нашата држава. Овие мали модуларни реактори би требало да ги имплементираме со нашите стратешки партнери, а тоа се САД и Обединетото Кралство, кои веќе имаат големо искуство во оваа област, и кои малите модуларни реактори ги применуваат се поинтензивно, особено во оние места кои се најоддалечени од националните дистрибутивни мрежи, и од големите производствени капацитети.

Ние како држава имаме склучено меморандум за соработка со интернационалната корпорација „Џенерал Електрик“ за трансформација на ТЕЦ неготино која треба да прерасне во гасна централа со капацитет од околу 800 мегавати, како и дел од блоковите на РЕК во Битола каде инсталираниот капацитет на гасната централа би изнесувал околу 300 мегавати.

Разговараше Борјан Јовановски

Извор: либертас.мк

Можете да прочитате

„Тиквеш“: Продолжува интензивната соработка со лозарите која гарантира висок квалитет и напредок на лозарството и винската индустрија

Поевтинуваат нафтените деривати – 24info.mk

Лебот нема да поскапи следните два месеца